Search

Вудворд вети дека ќе му даде поддршка на Солскјер на трансфер пазарот

Извршниот потпретседател на Манчестер Јунајтед, Ед Вудворд даде до знаење дека клубот ќе обезбеди доволно стабилен буџет, со кој менаџерот на тимот Оле Гунар Солскјер ќе треба да ја направи потребната селекција, за да ги врати успесите на „Олд Трафорд”.

Шефот на „црвените ѓаволи” ја даде оваа изјава покрај денешното обелоденување на финансиските резултати на клубот за третиот квартал од финансиската година. Вкупната заработувачка за кварталот изнесува 152,1 милиони фунти, што претставува зголемување од 3,4 отсто во споредба со истиот период минатата година. Оперативната добивка е 14,2 милиони, со раст од 94 отсто.

Иако клубот заврши на шестото место во Премиер лигата и во следната сезона нема да игра во Лигата на шампионите, што се претпоставува дека ќе го чини Јунајтед околу 40 милиони фунти, Вудворд изјави дека Бордот ќе го поддржи соодветно Солскјер.

– По оваа турбулентна сезона сите во Манчестер Јунајтед сме фокусирани на постигнувањето на успесите, кои нашите фанови ги заслужуваат. Подготовките за новата сезона се во тек и силата на нашиот бизнис ќе ни овозможи да ги поддржиме менаџерот и неговиот тим, гледајќи кон иднината. Сезоната не заврши на начинот на кој се надевавме. Последните неколку недели беа разочарувачки, но ние сме многу задоволни од назначувањето на Оле, Мајк Фелан, Мајкл Карик, Марк Демпси и Киеран Мекан. Очекуваме континуиран тимски развој и на теренот и надвор од него, рече Вудворд.

Треба да знаете
Последни објави