Search

Втора јавна дебата за Предлог-законот за остварување на јавниот интерес во културата

Новините во Предлог-законот за остварување на јавниот интерес во културата носат неколку суштински измени на нормативното регулирање на остварувањето на поширокиот интерес во културата, кои ќе овозможат правна основа за развој и унапредување на условите за уметничко творење и вршење на дејностите во културата.

Ова беше истакнато на денеска одржаната втора јавна дебата за Предлог- законот за остварување на јавниот интерес во културата, на која членовите на Работната група за конципирање на Законот истакнаа дека во последната верзија на Предлог-законот која е објавена на веб-страницата на Министерството за култура се вклучени дел од сугестиите и мислењата што беа добиени по одржувањето на првата јавна расправа, во јуни годинава.

Како што соопшти Министерството за култура, новина во Предлог-законот е што се утврдува обврската националните установи да имаат програмски совет, како стручно и советодавно тело кое го именува директорот на националната установа, а се предлага и да се разработи постапката за децентрализацијата во културата, односно за пренесување на надлежностите на основачките права на дел од националните установи од државно на локално ниво, што претставува една од основните претпоставки за темелна реформа во културата.

За самостојните уметници, новина е што покрај уметниците, право на поволности од буџетот за овие придонеси од работен однос се предлага да имаат и лицата кои вршат стручни работи во културата во вид на занимање, како што се менаџери во културата, куратори и стручните работници во областа на заштитата на културното наследство.

Во однос на финансирањето на јавниот интерес во културата, се предлага: наместо досегашното финансирање по пат на годишен конкурс, утврдување дека финансирањето ќе се врши врз основа на два годишни конкурса; потоа одлучувањето за финансирање проекти од областа на културата да се врши врз основа по предлог на стручни комисии кои ќе имаат подолг мандат и овластувања, а ќе бидат именувани по пат на  јавен оглас; националните установи да доставуваат годишна програма за работа која ќе биде подготвена врз основа на буџетско планирање за период од три години и друго. Меѓу другото, се предлага и да се врши проверка на квалитетот на уметничките способности повремено и по потреба, а не како досега што се вршеше задолжителна реаудиција на вработените уметници, на пет години. Беше истакнато дека работните односи на вработените во културата, ќе се регулираат со Законот за работни односи, Законот за остварување на јавниот интерес во културата и Колективниот договор за културата кој веќе е во нацрт-верзија  и на кој работеа стручните служби во Министерството за култура и претставниците на двата синдиката, со што ќе се надминат актуелните проблеми на вработените во културата.

На дебатата беа изложени и забелешки на Предлог-законот за кои од Работната група истакнаа дека по нивното детално разгледување, дел ќе бидат земени предвид.

Новиот Закон за остварување на јавниот интерес во културата се очекува да биде донесен наредната година, а по донесувањето на новите прописи за јавната администрација со кои треба да биде успогласен.

Треба да знаете
Последни објави