Search

Врсничкото насилство станува нормална појава во општеството, да не бидеме пасивни набљудувачи, туку веднаш да пријавуваме

Социјално исклучување, вербално, па дури и физичко малтретирање, исмејување, заканување… Сите овие форми на непосакувано и агресивно однесување стануваат сè позачестени кај средношколците, а жртви се еднакво и момчињата и девојчињата. Врсничкото насилство кај жртвите може да остави трајни и долгорочни последици, затоа што тоа не застанува само во училиштата, туку продолжува да ги следи децата во домот, преку социјалните мрежи…

Ана Битољану од Првата детска амбасада „Меѓаши” за МИА вели дека насилството е нормализирано во нашето општество и ретко се сфаќа сериозно, што значи дека доколку не се случи нешто драстично, сè ќе помине. Токму затоа, како што вели, е уште потешко да се потсетуваме колку е ненасилството важно и колку насилството постои во секојдневната комуникација меѓу младите. Меѓутоа, според неа, наша е одговорноста како со него ќе се справуваме.

– Насилството е форма и се јавува како некој природен дел во комуникацијата меѓу луѓето, меѓутоа наше е да ги учиме на ненасилни начини како да се справуваме со она што нè мачи и како впрочем да направиме да им биде добро на сите околу нас, вклучително и да се грижиме самите за себе. Добар дел од училиштата се трудат повеќе да прикријат одреден случај, наместо да постапуваат веднаш кога ќе се случи насилство, што значи и пријавување, и навремено известување и укажување „да, се случило насилство, ајде да видиме сега како понатаму”, појаснува Ана.

Насилството сè повидливо, жртви и момчиња и девојчиња

Насилството, за жал, постојано се зголемува, во јавноста дури на дневна база се откриваат форми на насилство кај малолетници, кои несомнено оставаат долгорочни последици, но и лоша слика за целокупното општество. Деновиве бевме сведоци и на организирани тепачки меѓу малолетници во скопската населба Капиштец.

Организирани борби меѓу малолетници во Капиштец се наплаќале: 20 денари за гледање, 300 денари за снимање, велат родители на деца очевидци.  Хелсиншкиот комитет за човекови права веднаш реагираше со апел до сите надлежни институции итно и ефикасно да постапат во овие случаи на брутално поттикнување насилство помеѓу децата, но Министерството за внатрешни работи сѐ уште не споделило информација со јавноста за своето постапување во однос на овој случај.

Според податоци на УНИЦЕФ за 2018 година, 42 отсто од учениците во земјава на возраст од 13 до 15 години пријавиле дека доживеале врсничко насилство.

– Поради загрижувачките димензии на оваа појава, во превенцијата и справувањето со неа мора да се вклучат и Министерството за образование, образовните установи, општините, родителите, но и самите деца. Опасниот тренд на нормализација на насилството кај децата може и мора да се прекине само со сеопфатен пристап од сите вклучени страни. Во спротивно, пасивноста, игнорирањето и отсуството на реакција ќе предизвика далекусежни последици за целото општество, се наведува во соопштението на УНИЦЕФ.

Битољану појаснува дека не треба да бидеме пасивни набљудувачи кога ќе забележиме ваков вид насилство меѓу децата, ниту оние што само ќе гледаат и ќе критикуваат. Треба да се обидуваме да наоѓаме различни решенија за решавање на проблемот со насилство кај средношколците, додавајќи дека насилството денес сè повеќе се зголемува најмногу поради технологијата и снимањето.

Сегментот на физичко насилство, како што вели, не е веќе примарен само на машките деца.

– Доколку порано било очекувано дека машките деца се задеваат, тепаат или користат физичко насилство, додека другите посуптилни форми на насилство се позастапени кај девојчињата, сега тоа е променето, меѓутоа исто така е важно дека, покрај физичкото насилство, е важно да препознаваме и форми на кибернасилство и форми на социјално исклучување како врсничко насилство, покрај вербалното насилство, што мене лично ми е од исклучителна важност да се препознаваат тие посуптилни форми, вели Битољану.

Со цел превенирање на врсничкото насилство и зголемување на општествената свест за оваа појава, Првата детска амбасада „Меѓаши” како дел од програмата за Мировно образование неодамна организира Форум театарска претстава во која учествуваа 22 средношколци. Девет ученици од училиштето „Кочо Рацин” од Велес, четири од „Шаип Јусуф” и девет од „Никола Карев” од Скопје.

Фатморе Ајдари од програмата Мировно образование во изјава за МИА појасни дека Форум театарот е всушност идеја на ученици и професори. Тие Форумот го гледаат како можност за создавање општествена промена.

– Форум театарот е идеја на ученици затоа што тие најдобро знаат што им треба и како тоа ќе го примат. Затоа цело време соработуваме со нив. Учениците на претставата споделиле две сценарија на врсничко насилство, а останатите ученици од публиката давале свои предлози како тоа насилство може да се превенира. Учениците кои учествуваат во претставата имаат свој обучувач, кој ја следи нивната работа, но се земаат предвид и нивните барања и нивните препораки, рече Ајдари.

Битољану додава дека преку Форумот се обидуваат да најдат креативни начини на изразување на младите, кои ќе придонесат кон општествени промени и намалување на врсничкото насилство во училиштата.

И Битољану и Ајдари во едно се согласни, за да се превенира насилството, мора да се воведуваат креативни начини и форми, и учениците еднакво да се застапени.

Најмногу застапено кибернасилството, со учениците отворено да се зборува

Кибернасилството е најзастапено кај учениците. Тоа лесно се препознава, но тешко е да се превенира, бидејќи може да трае дури 24 часа.

– Во училиштата во Скопје, но и во целата држава, иако не е официјално, имаме истражување и допрва ќе имаме резултати од истражувањето кој вид насилство е повеќе застапено. Но, според тоа што ние го гледаме заедно со наставниците, кибернасилството е најзастапено. Ова насилство не завршува за време кога се оди во училиште, или во автобус, или на улица, тоа може да трае 24 часа и мислам дека е најтешко да се спречи. Треба претходно да се работи со децата за кибернасилство, за да им се зголеми свеста за овој проблем, вели Ајдари.

Таа ги поттикнува децата да разговараат со родителите и наставниците, а и обратно, наставниците и родителите да разговараат со учениците.

Ајдари вели дека е најдобро децата жртви на насилство да најдат соговорник со кого се чувствуваат најблиски и да зборуваат за овој проблем. Само преку отворена комуникација и искрен разговор може да се најде начин да се намалат последиците што ги предизвикува врсничкото насилство.

– На слична линија, учениците и професорите треба да го препознаат врсничкото насилство, да ги земат сериозно сите дојави или сè што им укажува дека можеби се работи, да зборуваат со децата и младите и да креираат една средина во која ќе биде јасно дека не се толерира насилството, меѓутоа исто така дека не се прикрива. Добар дел од училиштата се трудат повеќе да прикријат одреден случај, отколку да постапуваат веднаш.

На крајот на денот, вели Ана, не постои волшебно стапче за решавање на овој проблем, не постои точен одговор како нешто може да се реши, но може да се обидуваме да наоѓаме решенија или барем да го направиме видливо, за заедно да градиме чувство на општествена промена, за нешто што горе-долу сите нè засега.

Треба да знаете
Последни објави