Search

Вредноста на итните јавни набавки надмина 3,2 милиони евра – доминираат пет фирми

Вредноста на договорите за итните јавни набавки поврзани со заштита од коронавирусот надмина 3,2 милиони евра и досега се склучени 142 договори. Дури 71 % од вредноста на склучените договори отпаѓа само на пет фирми. Во отсуство на упатство или стандардни обрасци за набавка, продолжуваат значајните разлики во цените. Во овој период, најголеми разлики се забележуваат кај скафандерите и ракавиците. Скафандерите се купувале по цени од 262 до 1.156 денари, а ракавиците од 2,83 до 9,32 денари за парче.За повеќе од половина од склучените договори (59 %), институциите ја прекршиле законската обврска да ги објават договорите во рок од десет дена од потпишувањето.Во секој втор склучен договор за итните јавни набавки поврзани со коронавирусот се преговарало само со еден понудувач. Сѐ уште нема информации за исходот од владините огласи за интервентни набавки на маски и ракавици,вели во најновиот извештај на Центарот за граѓански комуникации кој се однесува на итните јавни набавки поврзани со заштита од коронавирусот, заедно со базите на податоци на сите склучени договори и на одлуките за избор на најповолна понуда.

Како што се наведува во анализата, вредноста на договорите за итните јавни набавки поврзани со заштита од коронавирусот надмина 3,2 милиони евра.

Преку директни преговарања без претходно објавување оглас се склучени 142 договори.Најголема вредност на склучените договори има МВР, кое склучило шест договори во вкупна вредност од 1,9 милиони евра, што е дури 59 % од вредноста на договорите на сите институции. Станува збор за договори за набавка на маски, ракавици, очила, комбинезони и средства за дезинфекција.Второ според вредноста на договорите е Министерството за здравство, со 14 договори во вредност од 321.081 евро за набавка на монтажни контејнери, реагенси, потрошен материјал, дезинфекциски средства и заштитна лична опрема.

Дополнително на 142-та договори, објавена е и уште 51 одлука за избор на најповолен понудувач, во вкупна вредност од 701.230 евра.

Треба да знаете
Последни објави