Search

Врвна технологија за најпрецизна дијагностика и лекување и на најтешко болни во болниците „Аџибадем” во Истанбул

Стопроцентна успешност во класичните, хирушките и ендоскопските интервенции кај деца со тумор во централниот дел на мозокот, со епилепсија и церебрална парализа, беспрекорно функционирање на тим кој вклучува ортопед, невролог, неврохирург, доктор за анализа на движење и физиотерапевт и совршена организација на функционирање, овозможува Одделот за Детска неврохирургија во болницата „Аџибадем Алтунизаде” во Истанбул. Петнаесеттина новинари од Скопје изминатите денови имаа можност да се запознаат со функционирањето на повеќе оддели во оваа и во уште една здравствена установа.

Станува збор за најразвиен центар за Детска неврохирургија во Европа, а можеби и во светот, со 600 до 700 интервенции годишно, вели детскиот неврохирург, професор Мемет Озек, кој појасни дека 50 отсто од пациентите кај нив доаѓаат од странство, а најголем број од нив имаат тумор во централниот дел на мозокот, церебрална парализа и епилепсија.

Појасни дека во последните пет години стапката на морталитет е нула, а вакви интервенции се вршат во Лондон и во Париз.

– Со овие пациенти работи екипа која вклучува ортопед, невролог, неврохирург, доктор за анализа на движење и физиотерапевт, кои мора заедно да функционираат. Дел од пациентите доаѓаат за ендоскопски операции од кои има две позитивни страни: не е толку голема траумата на пациентот, затоа што се работи на мал дел, а со оваа процедура малку се останува во болница. За некои дијагнози како што е церебралната анализа, многу раната терапија е многу важна, но ако детето има тумор во мозокот колку е на помала возраст толку поголеми ризици постојат, вели доктор Озек.

Појасни дека има случаи кога уште додека мајката е бремена дијагностицирале дека бебето има тумор во мозокот и штом таа се породила тие веднаш го оперирале, но, како што нагласи, постои голем ризик.

Во болницата пациентите кои имаат државно осигурување од таа држава имаат некои привилегии при третманот, а интервенциите, како што нагласи доктор Озек, чинат од пет илјади до 40 илјади долари, а конкретно за тумор на мозокот зависи од местото каде тој се наоѓа, од 25 илјади до 40 илјади долари.

– За да бидете педијатриски неврохирург нема многу центри каде можете да земете супспецијализација. Досега никој од Македонија од јавните здравствени институции не стапил во контакт со мене за некаква соработка, но отворени се вратите за соработка, додаде доктор Озек.

Во тимот кој ги извршува интервенциите е и раководителот на Центарот за анализа на движење во болницата, Енис Шабан, по потекло од Гостивар, кој 13 години работи со доктор Озек. Тој вели дека има големи промени во технологијата во последните години и во начинот на лекување и тоа мора постојано да се следи, мора да се оди во развиените центри во странство и да се научи.

– Македонските неврохирурзи не се заинтересирани да доаѓаат тука. Познавам многу колеги од Македонија кои навистина кога би доаѓале тука би добиле поголемо искуство за нешто да се направи и во нашата држава, но незнам што е работата. Ми изгледа дека се уште е време кога не сме поминати од она старо на нешто ново. Не е само да сакате да дојдете, туку мора да користите и технологија, а бидејќи ја нема се уште се работат некои работи на стариот начин кој беше пред 30 до 40 години. Има многу големи промени во технологијата, мора да се следат, а за тоа мора да одите во странство, вели доктор Шабан.

Во врска со државната неврохирургија во нашата држава, вели дека сигурно може да биде подобро и знае колку докторите се трудат да биде подобро, но сепак, како што посочи, некои работи не се само врзани за нив, туку и за технологијата и условите кои треба да бидат поставени.

Посочи дека за супспецијализација имаат програма која трае шест месеци и неврохирурзи може да дојдат кај нив во болницата на усовршување, да следат некои операции во Центарот за анализа на движење и да научат како да вршат евалуација на пациентите кои имаат проблеми со движењето, да одат на радиологија да научат како се работи со новите технологии на магнет, со неврологот и анестезиологот.

– Програмата е пополнета до 2021 година, затоа што професорот Озек издејствува од фирми стипендија за да може да се финансираат тие колеги кои доаѓаат тука на усовршување, така што тоа може да не биде на нивен трошок, туку да добијат стипендија. Максимално две стипендии се можни, односно само двајца можат да дојдат, вели Шабан.

Ако го гледате професорот како оперира, нагласи, се изгледа многу едноставно.

– Тој работи на место со пречник од еден сантиметар, а тука е туморот и работи без да му се тресат рацете. Кога се враќаат од едукациите, колегите сакаат дома да почнат од најкомлицираните работи во работењето, а секогаш им кажуваме прво да почнат со наједноставните техники, тие да се усовршат, а потоа да се работат најкомплицираните работи, вели доктор Шабан.

Во Клиничката болница Аџибадем Систина во Скопје, потенцира, одиме повремено за консултации за преглед на пациенти, вршиме и анализа што можеме ние да направиме и да помогнеме за некои дијагнози што не можат да се лекуваат во Македонија.

– Со Фондот има договор за пациентите, кои имаат проблем со церебрална парализа и некои операции тука ги работиме. Имаме 15 пациенти од Македонија кои за година и пол се дојдени за операција. Имаше полесни и потешки случаи, но важно е што сите беа задоволни –  не можеле да се движат, а по третманот застанаа на нозе. Во системот се набљудува движењето на пациентот со тридимензионална слика. Од сите агли се набљудува неговото движење и има видео снимки. Целта ни е сите овие информации да ги анализираме и да добиеме извештај како се движи пациентот и да направиме план и сето ова се работи тимски, рече доктор Шабан.

Негова препорака за луѓето кои имаат канцелариска работа и постојано седат на столица, за да избегнат деформитети, е да стануваат по 10 минути на секој час. Појасни дека со правилно седење на столица, кое подразбира седење на колкот, а не на рбетот, луѓето нема да имаат болки во рбетот.

Новинарската посета вклучуваше и неколкучасовен престој во болницата „Аџибадем маслак”, каде професор Озкан Јуксел ни го презентираше апаратот „Вјуреј МРИдијан”, единствен во светот, кој комбинира магнетна резонанца со насочена радијација кон клетките зафатени со тумор во стомачната празнина и ги уништува.

Користејќи иновативен видео пренос оваа технологија им овозможува на онколозите да го видат и автоматски да ја контролираат насоката на зракот врз основа на вистинската позиција на туморот и околните органи. Еден третман на апаратот, кој вклучува меѓу три и седум сеанси чини 8.500 евра.

Уште една врвна технологија во медицината, која ни беше презентирана е и системот „CyberKnife”. Станува збор за единствен целосно роботски систем за испорака на зрачење, кој го уништува туморот без да се применува оперативен зафат. Системот е водечка технологија во насочен вид на испорака на зрачење за уништување на туморскте клетки во мозокот и се користи за третман на метастази на мозокот и други бенигни и малигни тумори на мозокот. Лекува малигни и немалигни тумори, прецизно испорачувајќи зрачење насекаде во телото.

Од медицинскиот персонал во болницата ни беа презентирани и роботи од италијанско производство кои самостојно доставуваат лекови, храна, материјали за стерилизација, валкани и чисти алишта по одделите. Тие за неколку минути од едно до друго место можат да го пренесат товарот. Импресионирани од врвната технологија, високо квалитетната здравствена услуга која им се пружа на пациентите, искусниот кадар и модерната инфраструктура, ни преостана да го посетиме и Oдделот за проектирање болници, кој се наоѓа во кругот на болницата, каде почнува приказната со сите тие здравствени установи.

Посетата на новинарите организирана од Клиничката болница Аџибадем Систина во Скопје, вклучуваше и неколкучасовна обиколка на Универзитетот Аџибадем во Истанбул, кој располага со неколку оддели меѓу кои за здравствен менаџмент, физиотерапија, нутриционизам, фармација…, каде се сместени лаборатории за научни истражувања, како и Симулациски центар, кој е единствен толку современо опремен центар во светот, во кој има можност и за едукација.

Треба да знаете
Последни објави