Search

Вработените од Агенцијата на катастар добија колективен договор со унапредени права од работен однос

По неколкумесечно преговарање денеска вработените од Агенцијата за катастар на недвижности потпишаа колективен договор со раководството на претпријатието. Двете страни се задоволни и се надеваат дека со овој договор се унапредени правата од работен однос. Колективниот договор предвидува јубилејни награди, како и исплата на К-15, но во делот на регресот на годишен одмор има задршка поточно пишува „со одлука за извршување на буџет”, но доколку биде потпишан гранскиот колективен договор за администрација тогаш исплатата автоматски ќе важи и за вработените во Катастарот. Директорот на Агенцијата Борис Тунџев се надева дека со потпишувањето на договорот вработените ќе ги добијат очекуваните права бидејќи во него се опфатени поволности кои во изминатиот период не биле предвидени. Колективниот договор и неодамнешното покачување на платите, според директорот Тунџев, треба да биде дополнителна мотивација за вработените во Катастарот.

– Сите граѓани мора и требаат да излегуваат задоволни од оваа иснтитуција бидејќи ги решават горливите проблеми поврзани со имотните прашања, меѓутоа од друга страна на шалтерите треба да постојат одговорни вработени кои ќе ја работат својата работа максимално совесно и во таа насока беше и зголемувањето на платите за вработените, рече Тунџев по потпишувањето на договорот.

Од синдикалната организација на Катасатарот се задоволни од потпишаниот договор и од неодамнешното покачување на платите кои сега просечно изнесуваат 26 илјади денари, а минималната 16 илјади денари што е далеку над просекот којшто го имале порано.

Задоволни се и од Синдикатот на УПОЗ од каде посочија дека наишле на одличен соговорник во директорот на Агенцијата и оти на колективниот договор е работено систематски, без условувања.

– Дојдовме до еден совршен колективен договор кој е одлична стимулација за вработените и мислам дека во целост ќе ги оправдаме нивните барања. Сакам да апелирам до вработените во Агенцијата на максимална ангажираност за да ја оправдаме довербата што ја имавме од страна на работодавачот и стимулот кој е даден за работа во иднина, рече претседателот на УПОЗ, Пецо Грујовски.

Истакна дека еден од приоритетите на Синдикатот на УПОЗ е потпишувањето на колективните договори. Досега, потпишани се 15 колективни договори со институции, а 10 се во подготовка. Следниве денови треба да бидат потпишани уште три-четири договори, а утре се очекува да биде потпишан и колективниот договор со Службен весник. Според Грујовски, мал е бројот работодавачи кои се уште прават опструкции за потпишување на колективните договори.

Правата усогласени во колективниот договор на Агенцијата за катастар на недвижности ќе важат за 857-те вработени.

Одговарајќи на новинарско прашање дали има превработеност во Катастарот, директорот Тунџев истакна дека со направената анализа утврдено е дека во одредени сектори недостасува стручен кадар како дипломирани геодетски инженери, а во одредени сектори има превработеност на некои професии кои не одговарат соодветно на работното место.

– Изготвуваме нова функционална анализа и во рамките на новата систематизација ќе се бара решение и за вработените кои немаат соодветно образование и за пополнување на празните работни места, рече Тунџев.

Треба да знаете
Последни објави