Search

Во Ѓорче Петров ќе се гради најсовремената градинка во земјата

Најсовремена и најмодерна градинка во земјата, штедлив објект по сите стандарди, со капацитет од 175 деца поделени во осум занимални (од 0 до 6 години) во наредната година и половина се очекува да биде изградена во Волково, општина Ѓорче Петров.

Изградбата на градинката е дел од „Проектот за условени парични надоместоци (УНП Проект)“  кој се реализира од Министерството за труд и социјална политика, со финансиска поддршка од Светска Банка, а се однесува на зголемување на капацитетите за сместување деца од предшколска возраст. Општина Ѓорче Петров аплицираше преку овој проект за изградба на градинката во Волково, а токму денеска попладне во Владата на Република Северна Македонија, договорот за старт на подготовките за изградба ќе биде потпишан од релевантните страни.

На денешната јавна расправа на која беше презентиран проектот за градинката, градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски изрази големо задоволство од стартот на подготовките за израдба на овој капитален проект и нагласи дека Волково ќе добие најмодерен објект за едукација на најмладите на место каде што воздухот е најчист, со што значително ќе се намали бројот на дечиња кои чекаат за упис во градинка.

 

-Во преговори сме за доградба и на градинката „Детелинка“, а преку договор за јавно-приватно партнерство со министерствата за труд и социјална политика и за здравство, при крај сме се подготовките за старт на изградба на градинката во Дексион. Советот на следната седница се очекува да дебатира и донесе одлука која форма на ЈПП ќе се примени за тоа. Во Дексион очекуваме изградба на градинка за 125 деца, со што остваруваме уште едно ветување во однос на капиталните објекти во Ѓорче Петров, по најавата за изградба на клинички центар во Веле Поле и регулација на коритото на реката Лепенец по современи стандарди, што очекуваме да стартува на почетокот на следната година – рече Наумоски.

Околу местото кое е предвидено за градинка во Волково нема други објекти, освен ниски куќи, парцели на кои е предвидена изградба, исто така на ниски куќи, и пристапна улица.

-Се надевам дека до Нова Година ќе избереме најсоодветен изведувач и оти некаде кон март следната година ќе стартува изградбата. Тоа значи, зависно од временските услови и динамиката на работата на изведувачот, дека за околу година и половина проектот ќе биде завршен – додаде Наумоски.

 

 

 

Треба да знаете
Последни објави