Search

Во штала за коњи откриена најголемата лабораторија за кокаин во Холандија

Најмалку 17 лица се во притвор, откако полицијата изврши рација во поранешна штала за јавање во Холандија.

Шталата била претворена во најголемата лабораторија за производство на кокаин во земјата, пренесоа тамошните медиуми. Лабораторијата имала капацитет за производство до 200 килограми кокаин на ден.

Тринаесет уапсени се колумбиски државјани, тројца се Холанѓани, вклучувајќи го и 64-годишниот сопственик, а еден од осомничените е од Турција, соопшти полицијата.

Запленети се десетици илјади литри хемикалии, заедно со опрема како буриња, плински боци, пластични цевки и пет мешалки за цемент кои се користат за извлекување на кокаинот од таканаречената база.

„Со оглед на бројот на луѓе кои работеле таму, големината, распоредот и опремата, проценуваме дека производниот капацитет бил од 150 до 200 килограми кокаин на ден, што е количина на дрога со улична вредност од 4,5 до 6 милиони евра“, рече шефот на полицијата, Андри ван Рин.

Полицијата при рацијата пронашла 100 килограми кокаин и просторија за спиење за работниците. По претресот на магацините во блиските градови Апелдурн и Елшут, запленети биле и околу 120 тони материјал.

Осомничените треба да се појават на суд оваа недела, а можно е да бидат приведени и други лица, објави полицијата.

Треба да знаете
Последни објави