Search

Во четврток вечер ратификација на Договорот од Преспа

Во среда во 10 часот по локално време започнува расправата во грчкиот Парламент за ратификација на Договорот од Преспа, а гласањето ќе биде во четврток вечер, брифираат извори од грчкиот Парламент, јави дописничката на МИА од Атина.

Ова било одлучено на денешниот состанок на претседателот на грчкиот парламент со неговите заменици.

Според истите информации, пленарната седница и во среда и во четврток ќе започне во 10 часот наутро по локално време, а ќе трае во зависност од каталогот на пратеници кои ќе се пријават за збор. Доколку има голем број заинтересирани пратеници за дискусија, би можело да трае и до 2-3 часот наутро.

Денеска во 17 часот по локално време започнува со работа парламентарната Комисија за национална одбрана и надворешни работи која ќе го разгледа нацрт закон според кој се ратификува и стапува во сила Договорот од Преспа.

Како што во саботата објави МИА, нацрт законот од Министерството за надворешни работи на Грција, што е под наслов „Ратификација на конечниот договор за решавање на разликите кои што се објаснети во одлуките на Советот за безбедност на Обединетите нации 817 (1993) и 845 (1993), прекинување на Времената спогодба од 1995 година и воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните”, содржи три члена.

Првиот член е потпишаниот договор во целост, вториот член се однесува на покревање на нивото на Канцеларијата за врски во Скопје во амбасада и на Канцеларијата за конзуларни, економски и трговски работи во Битола на ниво на Генерален конзулат. Третиот член објаснува дека законот стапува на сила по објавувањето во Службен весник, а договорот по ратификацијата согласно членот 20.

Треба да знаете
Последни објави