Search

Во Хрватска од полноќ во сила стапија построги епидемиолошки мерки

На полноќ во Хрватска стапија во сила нови мерки против ширењето на коронавирусот, кои, меѓу другото, предвидуваат затворање на ноќните клубови и казината и ограничување јавните собири, свадбените церемонии и погреби.

Новите мерки беа донесени затоа што претходните не резултираа со намалување на бројот на заразени лица, што е важно за олеснување на болничкиот систем, и тие ќе се применуваат до 15 декември, соопшти Националниот штаб за цивилна заштита.

Мерките се однесуваат на ограничување на јавни настани и собири на 25 лица, наместо на 50 лица, како што беше досега, ограничување на свадбени церемонии на 15 наместо на 30 лица, додека на погреби може да присуствуваат најмногу 25 лица, наместо 30, а сочувството не смее да биде изразено со близок контакт, наведува агенцијата Хина.

Приватните свечености се ограничени на 10 лица, наместо на 15, а спортските натпревари може да се одржуваат без гледачи и со придржување кон мерките, како и досега.

Работата на ноќните клубови, казина и автомат клубовите е суспендирана, а другите угостителски објекти ќе бидат отворени до 22 часот, со истакнато известување за најголемиот број гости што можат да бидат во објектот.

Продавниците, исто така, ќе треба да посочат вакво известување за најголемиот број потрошувачи во нивните простории..

Воведени се дополнителни ограничувања за собири кои не се ограничени на 25 лица, како што се професионални уметнички програми, кино-проекции, верски церемонии и седници на пратенички тела. Бројот на присутни луѓе е ограничен на големината на просторот и мора да се обезбедат четири квадратни метри простор за секоја личност.

Воведена е и забрана за продажба на алкохолни пијалаци од 22 до 6 часот наутро.

Треба да знаете
Последни објави