Search

Во Франција се зголемува притисокот за одржување на вториот круг на општинските избори во јуни

Научниот совет за борба против епидемијата на Ковид-19, во текот на денот ќе го достави својот извештај – мислење до премиерот за одржувањето на вториот круг од општинските избори, во јуни или пак на есен, јави дописникот на МИА.

-Премиерот ќе го има мислењето од научниот совет во текот на денот и ќе види под кои услови може да се одржи вториот круг од овие општински избори, рече Жаклин Гуро, министер за територијална кохезија, на телевизијата Публик-Сенат.

Извештајот на Научниот совет, на кој премиерот ќе се потпира за да донесе одлука за продолжување на изборниот процес за градовите каде што при првиот круг на 15 март не беа избрани општинските совети, се очекуваше пред 23 мај. Одлуката потоа ќе биде „споделена” со парламентот, кој ќе треба да одлучи за одржувањето на изборите, рече министерот.

Во колумната објавена во „Ле Журнал ди диманш”, 36 градоначалници од големите француски градови, вклучувајќи ја Ан Идалго (Париз) и Кристијан Естрози (Ница), потсетија дека „милиони Французи чекаат да имаат градоначалник”.

Откако се одржа првиот круг на општинските избори на 15 март, во пресрет на објавувањето на изолацијата која траеше осум недели, Емануел Макрон реши да го одложи вториот круг закажан за 22 март. Иако сè уште не е одреден датум, кандидатите стануваат нетрпеливи.

Според 36-те градоначалници, брзата организација на изборите е неопходно затоа што „милиони Французи чекаат да имаат градоначалник, општински, метрополитански и совети на заедниците на општини, способни да донесат клучни одлуки за училиштата, транспортот, работните места”.

Имено 4816 општини чекаат на овој втор круг, односно околу 25,5 милиони жители. Во околу 30 000 други општини во Франција градоначалникот беше избран во првиот круг на 15 март. Во овие градови општинските совети ќе бидат инсталирани „најдоцна до четврток, 28 мај”.

Се очекува извршната власт да ја донесе одлука за одржување на изборите до крајот на јуни. Доколку изборите не се одржат до крајот на јуни, целиот избор ќе треба да се повтори за засегнатите општини, оваа есен или пак дури во март 2021, во зависност од сценаријата.

Треба да знаете
Последни објави