Search

Во Струмица се вклучува алармот по растот на бројот на новозаболени од Ковид-19

Нема простор за паника, но има простор за подигање на алармот, бидејќи Струмица долго време беше една од општините која имаше релативно мал број позитивни пациенти и можеби тоа даде една комоција за полежерно однесување и непочитување на мерките за заштита, оцени градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски по денешниот координативен состанок, на кој учествуваа претставници на повеќе државни органи и институции.

Тој потсети дека мерките за заштита се уште се на сила и дека се многу важни во превенцијата од зголемување на бројот на новозаразени.

-Заклучивме да се зголеми присуството на инспекциите и да се користат сите механизми за предупредување и примена на репресивните мерки, па и казни, кон сите што не ги почитуваат мерките за заштита. Во моментот тоа е единствено ефикасно оружје кое што треба да го употребиме. Ќе има и разговори со одредени целни групи, бидејќи загрижува фактот што најголем процент на новозаразени наши сограѓани се на возраст од 15 до 30 години. Сограѓани, кои во принцип, се најмобилни и коишто заради возраста или начинот на живот се најприсутни во тие објекти каде има групирање и во кои можеби се заборава на мерките и на подисциплинираното придржување кон мерките, информираше градоначалникот Јаневски.

Во последните денови во Струмица секојдневно се бележи зголемен број заразени од Ковид-19. Вчера беа регистрирани 18 нови случаи, а денес е регистриран и случај на заразено дете од струмичката градинка, додека во последните два дена починаа тројца.

Треба да знаете
Последни објави