Search

Во структурата на земјоделските задруги само седум отсто млади и 16 проценти жени

Вкупно 891.357 евра неповратна поддршка од ЕУ ќе добијат 17 земјоделски задруги од земјава, девет веќе формирани и уште осум новоосновани. Нивни претставници денеска ги подигнаа договорите, а средствата, како што истакнаа, ќе ги искористат за инвестиции во објекти и опрема за преработка, складирање и маркетинг на земјоделски производи.

– Земјоделците се поконкурентни на пазарот ако настапат здружени, наместо индивидуално. Преку задругите можат поефикасно да го организираат производството, порационално да ги користат ресурсите, да бидат помоќни во преговорите со откупувачите, рече министерот за земјоделство, Трајан Димковски по доделувањето на договорите за ЕУ грантовите.

Според раководителот на Секторот за соработка во Делегацијата на ЕУ, Никола Бертолини, кој своето обраќање го почна со пораката „ЕУ за тебе, ЕУ за задруги”, целта на поддршката што ја обезбедува Европската унија е развој на руралните подрачја и задржување на младите во земјата.

– Во структурата на вашите земјоделските задруги засега само седум отсто се млади земјоделци, а 16 проценти се жени. Во ЕУ, повеќе од 40 отсто жени се членови на задругите, додека во земјата од која доаѓам, Италија, овој процент е преку 50. Во Германија, пак, 1,4 милиони луѓе се членови на земјоделски задруги, истакна Бертолини.

На ова, како што оцени претседателот на Македонската асоцијација на задругите, Менде Ивановски, мора да се работи. Во секој случај, дополни тој, финансиската поддршка како оваа од ЕУ, е голем поттик за заживување на задругарството.

– Во овој момент, во Министерството за земјоделство, се регистрирани 54 задруги. Родовата застапеност и структурата во однос на младите, како што кажа и Бертолини, е загрижувачка. На тоа ќе работиме за да ги подобриме бројките. Индината, сепак, останува на младите, Тие секогаш имаат поатрактивни идеи и пожелно е тие да го носат капацитетот на земјоделските задруги, изјави Ивановски.

Треба да знаете
Последни објави