Search

Во Србија граѓаните за вонредната состојба ќе се информираат и преку Вибер

Граѓаните на Србија ќе можат да се информираат преку Вибер за актуелностите поврзани со вонредната состојба во борбата против коронавирусот, соопштија од српското Министерство за труд, вработување и социјални работи.

Како што јави дописникот на МИА, ова министерството денеска го покрена каналот „Viber Community” преку кој граѓаните ќе добиваат информации.

Министерот за труд Зоран Ѓорѓевиќ изјави дека Министерството сака на граѓаните да им ги обезбеди сите информации во врска со моменталната состојба, нивните права и обврски.

Во недостиг на заштитни маски, српската Влада денеска соопшти дека на компаниите, без оглед на нивната активност, им е дозволено да купуваат маски и заштитна опрема од странство за свои потреби.

– Сите компании на територијата на Србија можат да увезуваат маски и заштитна опрема исклучиво за сопствени потреби и потребите за здравствена заштита на своите вработени. Ова е дозволено со јасно ограничување дека не е дозволена дистрибуција, продажба на трети лица или каква било трговија со вакви маски и заштитна опрема, се наведува во соопштението.

Министерот за трговија, туризам и телекомуникации Расим Љајиќ изјави дека неделава очекува 10 милиони заштитни маски од Кина и дека тие ќе бидат во аптеките.

Љајиќ за РТС изјави дека маските биле најбаран производ во светот, дека производителот во Кина престанал со производството на почетокот на епидемијата, но дека тоа повторно е обновено, додека Турција, како втор производител на маски, го забранила извозот сè додека не се задоволат потребите дома.

Треба да знаете
Последни објави