Search

Во Собранието почна седницата за уставните измени

Со усвојување на дневниот ред, во Собранието почна 75. седница за уставните измени, на која пратениците ќе ги утврдуваат предлог – амандманите XXXIII, XXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот на Република Македонија, по што следува нивно донесување па прогласување. Во моментов пред пратениците зборува премиерот Зоран Заев.

Вкупно 78 пратеници гласаа „за” дневниот ред, што претходно го прочита претседателот на Собранието Талат Џафери.

За прогласување на амандманите е потребно двотретинско мнозинство, односно за нив да гласаат 80 од вкупно 120 пратеници во Законодавниот дом.

По прогласувањето на амандманите пратениците треба да го изгласаат и уставниот закон за нивно спроведување. Овие амандмани ќе бидат составен дел на Уставот на Република Македонија и ќе влезат во сила со влегување во сила на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 г. и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните и ратификацијата на Протоколот за пристапување во НАТО од Првата страна на Конечната спогодба.

Генералниот секретар на СДСМ и пратеник Александар Кирацоски претходно на прес-конференција информира дека е обезбедена поддршка од минимум 80 пратеници за усвојување на уставните измени.

ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За Подобра Македонија”, како што изјави и лидерот на партијата Христијан Мицкоски претходно пред Собранието, нема да учествуваат на седницата и нема да дадат легитимитет за промена на Уставот.

Пред Собранието во исто време се одржува протест во организација на здруженијата „Tврдокорни” и „Македонија блокира”, против уставните измени. Дел од учесниците во протестот се упатија кон резиденцијата на претседателот Ѓорге Иванов за да го повикаат да им се приклучи.

Треба да знаете
Последни објави