Search

Во симулациска вежва со лифт од јажиња се спасуваа повредени од земјотрес

– Со лифт од јажиња и со интервенција на пожарникари и екипи на Црвен крст се спасуваа повредени од земјотрес на симулациската вежба што се одржа денеска во гимназијата „Јане Сандански” во Струмица.

Со продорниот звук на тревогата почна евакуацијата на учениците и професорите од гимназијата. Учениците со торбите на глава заедно со професорите, кои ги понесоа и дневниците од прекинатиот час, за бргу време се оддалечија на отворено, а во зградата на училиштето се стрчаа екипите на Црвен крст за пружање прва помош при елементарни несреќи. Веднаш пристигна и противпожарното возило кое се постави веднаш до зградата и со специјални скали пожарникарите се искачија на највисокит кат каде имаше двајца поредени.

Додека на повредените им се укажуваше помош на тревникот во дворот на гимназијата, екипа на Црвен крст од Битола за спасување од високи објекти го постави лифтот од јажиња и веднаш почна евакуацијата на двајцата повредени кои останаа заробени поради „урнувањето” на скалите од третиот кат на училишната зграда. Како на филм и двајцата еден по друг беа спуштени со импровизираниот лифт, а долу ги пречекаа медицински екипи кои веднаш им укажаа помош.

Според Маријана Тошева, секретар на Црвен крст Струмица, како општество сме слабо подготвени за одговор на вакви елементарни несреќи, бидејќи еден подолг период не се работело на обновување на знаењето за однесување во такви кризни ситуации.

-Нашиот сегмент овде е дека зборуваме за момент кога бараме едно волонтерско здружување за да бидеме сите подготвени и активни во такви ситуации, а не да ја чекаме заштитата која треба да ни ја пружат самите институции и организации, рече Тошева.

Од Дирекцијата за заштита и спасување вежбата за евакуација и извлекување на повредени од земјотрес ја оценија како успешна.

-Сите институции кои се задолжени за заштитата и спасувањето се должни да вршат симулациски вежби за евакуација на луѓе и материјални добра при елементарни несреќи, без разлика дали се работи за земјотреси, поплави или пожари, рече Митко Димчев од Дирекцијата за заштита и спасување.

Денешната е прва од трите планирани вежби „Струмица 2019″, а следните две ќе се одржат 16 и 18 овој месец.

Покрај учениците и вработените од гимназијата „Јане Сандански” во Струмица, во вежбата учествуваа екипи на Општинските организации на Црвен крст Струмица и Битола, СВР-Струмица, ТППЕ Струмица, Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи.

Треба да знаете
Последни објави