Search

Во Сенатот на САД закон за санкции против градителите на „Северен поток 2″

Американските сенатори Тед Круз и Џин Шејхин, едниот републиканец од Тексас, а вториот демократ од Њу Хемпшир, планираат да поднесат нацрт закон за санкции против учесниците во изградбата на руско – германскиот гасовод „Северен поток 2″, јави денеска „Блумберг”.

Двајцата сенатори се членови на Комитетот за меѓународни односи при Сенатот на САД и со овој законски текст сакаат да ја спречат Русија да го заврши за неа важниот енергетски проект, со кој ќе се транспортира природен гас директно до Германија и Западна Европа по дното на Балтичкото Море.

Нацрт законот предвидува казнени марки против сопствениците на бродовите кои работат на поставување на цевките и се предвидува неиздавање визи на претставниците на компаниите поврзани со изградбата на гасоводот. Понатаму, доколку тие лица вршат парични трансакции во САД сметките ќе им бидат блокирани, а казнети ќе бидат и осигурителните компании вклучени во проектот.

Европскиот парламент во март усвои Резолуција со која се повикува на запирање на изградбата на „Северен поток 2″ со образложение дека проектот е против интересите на ЕУ.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео неодамна при настап пред истиот Комитет соопшти дека САД не можеле да ги убедат европските земји да се откажат од изградбата на гасоводот.

– Направивме многу напори да ги убедиме Европејците, а првенствено Германија, да не се гради „Северен поток 2″, но моментно нема напредок, изјави тој на сослушување во Сенатот во април.

Гасоводот е предвидено да биде завршен во 2020 година и се гради за да се растовари зависноста од транзит на рускиот гас преку гасоводната мрежа во Украина, а се заобиколуваат и некои источноевропски земји.

САД и низа членки на ЕУ, посебно од Источна Европа, како Полска или балтичките земји, се категорично против изградбата на овој гасовод, со образложение дека со својот економски продор Москва го шири и своето „политички злонамерно влијание во регионот”.

Треба да знаете
Последни објави