Search

Во сабота Марш за толеранција на различностите во образованието

По повод Меѓународниот ден на толеранцијата, Хелсиншкиот комитет за човекови права во сабота ќе го организира единаесеттиот Марш на толеранција. Маршот ќе започне во 12 часот пред Музејот на град Скопје, преку улица Македонија, до крајната точка на платото пред Универзитетот на ЈИЕ во Старата скопска чаршија.

„Образованието и младите ќе бидат во фокусот на овогодишното одбележување на Меѓународниот ден на толеранцијата. Причините се сериозни и секојдневно видливи – најчести извршители и жртви на злосторства од омраза се малолетни лица, а подемот на меѓуврсничкото насилство дополнително се зголемува со користењето на социјалните мрежи. Намалената толеранција на младите кон различностите е резултат на повеќе околности во општеството, но образованието се издвојува како еден од најпроблематичните фактори, со оглед на неговото клучно влијание во изградбата на ставовите и светогледот на младиот човек“, велат од Хелсиншкиот комитет.

И покрај обемната материја со која се оптоварени децата и младинците во образовниот процес, велат од таму, училиштето сепак ги лишува од клучни животни вештини, од кои потоа зависи кохезијата на целото општество и иднината на цели генерации. Младите, додаваат од Хелсиншки, речиси и не се оспособуваат за критичко мислење.

„Учебниците и наставните програми се полни со дискриминаторски содржини, кои само ги зацврстуваат вкоренетите стеретотипи и предрасуди. Целосно е занемарена важноста од едукација за ненасилно разрешување конфликти. Долгогодишното игнорирање на потребата од сеопфатно сексуално образование ги направи младите дополнително затворени, ранливи и подложни на насилство. Исто така, неинформираноста на младите, но и нивното опкружување, раѓаат предрасуди и нетрпеливост во однос на децата со попреченост и нивното вклучување во редовното образование“, се вели во најавата за маршот.

Од Хелсиншкиот комитет велат дека во сабота ќе побараат вистински да се активира декларираната политичка волја за квалитетно и сеопфатно образование.

„Ќе апелираме за темелни промени во образовниот процес и содржини кои ќе соодветствуваат со времето во кое живееме и со реалните потреби на младите луѓе. Ќе ги повториме многупати изречените пораки за прочистување на наставните материјали од содржини кои дискриминираат и ја оправдуваат нетолеранцијата помеѓу различните групи и поединци. Ќе побараме континуирана надградба на наставниот кадар.  Ќе порачаме дека образованието не смее да биде терен за перпетуирање на мислења и ставови кои предизвикуваат омраза, поделби и насилство. Ќе побараме суштински пресврт во образовните политики, кој ќе ги зајакне и научи младите како да се справуваат со животните предизвици – но на хуман, толерантен и ненасилен начин, со штитење на личното и туѓото достоинство и живот“, велат од Хелсиншкиот комитет.

Треба да знаете
Последни објави