Search

Во првата половина од годината – ЈП Комунална хигиена-Скопје расчисти 7081 кубни метри отпад од диви депонии и спроведе бројни активности за спречување на ширењето на вирусот Ковид-19

Во периодот јануари-јуни 2020 година, ЈП Комунална хигиена-Скопје подигна и транспортира вкупно 74 578 тони комунален отпад од скопските домаќинства во урбаниот и во руралниот дел на градот. Екипите на Претпријатието секој ден во неделата, во три смени, го преземаа отпадот од речиси 6000 подземни и надземни контејнери поставени на територијата на градот Скопје, додека два пати во неделата се подигнуваше отпадот од 90 000 канти во индивидуалните домаќинства.

Воедно, вкупно 400 работници секојдневно беа ангажирани за рачно чистење и метење на јавните површини, додека централното градско подрачје и поголемите сообраќајници во сите скопски општини се одржуваа и со употреба на специјални комунални возила-метларки.

Во текот на првите шест месеци од годината беа отстранети 7081 м3 отпад одложен на јавни површини, што претставува зголемување од над 52 проценти во однос на расчистените диви депонии во истиот период минатата година.

Со цел спречување на ширењето на вирусот Ковид-19ЈП Комунална хигиена-Скопје во овој период секојдневно спроведуваше машинско миење со автоцистерни и дезинфекција на сите булевари и поголеми улици во градот, како и рачно миење и дезинфекција на плоштадот Македонија, плоштадот Филип Втори, улицата Македонија, Камениот мост, мостот Гоце Делчев и Старата скопска чаршија. Во повеќе наврати беше реализирано рачно миење и дезинфекција на целокупниот простор на Клиничкиот центар „Мајка Тереза”, додека континуирано се дезинфицираа и сите подземни и надземни контејнери, вклучително со нивните микролокации.

„По прогласувањето на светската пандемија на вирусот Ковид-19, на почетокот на март 2020 година, ЈП Комунална хигиена-Скопје започна да функционира со двојно зголемен обем на активности, спроведувајќи голем број вонредни мерки и акции, со цел на највисокото можно ниво да ја одржиме хигиената и чистотата на јавните површини во градот Скопје. И во претстојниот период  наш врвен приоритет ќе остане заштитата на јавното здравје, а нашите секојдневни активности ќе ги насочиме кон намалувањето на ризикот за проширување на вирусот Ковид-19. Во таа насока, неодамна беше отворено и ново Одделение за грижа за корисниците, при што на граѓаните им ја понудивме можноста за онлајн-плаќање на побарувањата за собирање и транспорт на комуналниот отпад, со цел полесен, побрз и побезбеден пристап до услугите од доменот на административното работење на Претпријатието. “– изјави директорот на ЈП Комунална хигиена-Скопје, Абдусамед Шабани.

Треба да знаете
Последни објави