Search

Во поплави во Јапонија загинаа речиси 50 луѓе, повеќе од 40.000 спасувачи на теренот

Спасувачите во југозападниот дел на Јапонија продолжуваат со трката против времето за да ги спасат жителите заробени на места погодени од големите поплави и лизгање на земјиштето во кои загинаа речиси 50 луѓе досега, а десетина луѓе се сметаат за исчезнати.

Обилните дождови нема да запрат до четврток, објави Метеоролошкиот завод, кој повторно издаде најголемо предупредување за опасност од поплави и лизгање на земјиштето на островот Кјушу, во југозападниот дел на јапонскиот архипелаг.

Временската непогода најтешко ја погоди префектурата Кумамото, каде што загинаа 49 лица.

Локалниот претставник Јутаро Хамасаки изјави дека припадниците на службата за пребарување и спасување ја продолжуваат трката со време за спасување на жителите кои биле блокирани во нивните домови поради поплавите.

„Ние не поставивме временска рамка за спасувачите, но навистина мора да го забрзаме темпото затоа што времето истекува. Нема да ги оставиме луѓето“, рече Хамасаки.

Поради големото невреме што трае неколку дена се очекува да се зголеми бројот на жртвите.

Повеќе од 40.000 полицајци, пожарникари, припадници на крајбрежната стража и цивилна заштита се распоредени на теренот, а други доаѓаат на помош, како што е Кентаро Оиши, кој обично носи туристи на рафтинг.

„Со рафтинг се занимавам 20 години, но вакви поплави не сум видел“, рече Оиши, додавајќи дека никогаш не можел да замисли дека ќе мора да „плови по улиците на градот“.

Евакуацијата на оние што се изложени на ризик е дополнително комплицирана од стравувањата за коронавирусот и воведените мерки.

Треба да знаете
Последни објави