Search

Во Париз опожарен омилениот ресторан на Макрон, властите стравуваат од ескалација на насилството

Претствничката на француската влада, Марклен Шијап, оцени дека групи склони кон насилство ги презеле протестите од организаторите кои се побунија против пензиската реформа, откако денеска беше опожарен познат париски ресторан, чиј редовен гостин е претседателот Емануел Макрон.

Од пожарната служба во Париз соопштија дека пожарот, кој избувнал нешто пред зори и го зафатил ресторанот „Ла Ротонд“, бил брзо изгаснат, пренесе агенцијата АП.

Канцеларијата на јавниот обвинител во Париз започна истрага за да се утврди причината за пожарот, а Шијап смета дека пожарот најверојатно бил резултат на кривично дело.

Таа вели дека низ Франција владее атмосфера на омраза и насилство, за што смета дека е прилично неверојатно, а како пример за тоа го наведува и пожарот во ресторанот.

„Бунтовничките групи сакаат да завладее законот на насилството, со цел да применат насилство на сите кои не се согласуваат со нив. Тоа е многу вознемирувачко и не е достојно за демократија како Франција“, изјавила Шијап, а пренесе агенцијата АП.

Менаџерот на ресторанот изјавил дека пожарот избувнал неколку дена откако демонстранти марширале покрај него, извикувајќи „Смрт за Макрон, смрт за ‘Ла Ротонд’“.

Тој посочи дека учесниците во маршот носеле јакни од движењето „жолти елеци“, кое повеќе од една година организира протести против владата на Макрон и дека полицијата која го истражува пожарот во ресторанот пронашла жолт елек.

Денеска француските безбедносни сили го евакуираа претседателот Макрон од театар во Париз поради напад на антивладини демонстранти.

Треба да знаете
Последни објави