Search

Во Палатата на ОН во Женева усвоен извештајот за состојбата со човековите права во земјава

Во Палатата на Обединетите нации во Женева, вчера се одржа пленарна сесија на Советот за човекови права на која се усвои одлука за исходот на третиот универзален периодичен преглед на човековите права во Република Северна Македонија.

Делегацијата на Северна Македонија беше предводена од Светлана Гелева, директор за мултилатерални односи и безбедносна соработка во Министерството за надворешни работи.

,,Гелева во своeто обраќање пред Советот за човекови права ги презентираше ставовите на Република Северна Македонија во однос на препораките добиени за време на интерактивниот дијалог по презентацијата на Националниот извештај во рамки на третиот циклус на универзалниот периодичен преглед, на 32-та сесија на работната група, во јануари 2019 година. За време на сесијата во јануари беа дадени 169 препораки, од кои 167 се прифатени од страна на Владата. Голем дел од добиените препораки се во согласност со приоритетните области на дејствување на Владата, а се однесуваат на областите: недискриминација и родова еднаквост, елиминација на насилството врз жените, реформа на правосудниот систем, борба против корупцијата, слобода на изразување и медиуми, унапредување на состојбата на малцинствата со посебен фокус на Ромите, правата на лицата со попреченост, реформите во здравството, итн”, соопшти МНР.

,,Политиката за човекови права на Северна Македонија се базира на испреплетени процеси за идентификација и реализација на националните приоритети, како и имплементација на нашите меѓународни обврски, вклучувајќи ги и препораките од УПП и договорните тела на ОН, како и обврските поврзани со интеграцијата во ЕУ”, нагласи Гелева.

Со свои коментари во дискусијата се вклучија низа држави, главно со позитивни оценки за активностите на РСМ за подобрување на состојбата со човековите права во државата, а изразија и благодарност за прифаќањето на нивните препораки.

Треба да знаете
Последни објави