Search

Во Пакистан е уапсен лидерот на опозицијата Шахбаз Шариф

Пакистанскиот опозициски лидер Шахбаз Шариф, чија партија во октомври планира да одржи протести против премиерот Имран Кан, денеска е уапсен од судската полиција за борба против корупцијата.

Шариф, лидер на опозицијата во Националното собрание, е уапсен во Лахоре,  откако судот во овој град на истокот од земјата го одби барањето за негово ослободување со кауција во случај за перење пари.

-Не се плашиме од апсења, рече Маријум Аурангзеб, портпарол на Пакистанската муслиманска лига (ПМЛ-Н), партијата која е основана од братот на Шахбаз Шариф, поранешниот премиер Наваз Шариф.

Наваз Шариф беше сменет од функцијата во 2017 година по контроверзните обвиненија за корупција, а веднаш потоа беше и осуден за кривичното дело. По неколку месеци минати во затвор, тој на крајот на 2019 година беше ослободен поради здравствени причини и во моментов се наоѓа на лекување во Велика Британија.

Ќерка на поранешниот премиер, Маријам Наваз, на Твитер го потврди апсењето на нејзиниот чичко.

„Шахбаз Шариф е уапсен само затоа што одби послушност кон оние што сакаа да го искористат против неговиот брат. Тој повеќе сака да оди во затвор отколку да му се спротивстави на неговиот брат”, напиша таа.

Апсењето се случи во време кога опозициските партии одлучија да се обединат за соборување на Имран Кан, кој, како што тврдат, дојде и остана на власт благодарение на поддршката на моќната армија. Протестите со барање за негова оставка треба да се одржат во октомври.

Треба да знаете
Последни објави