Search

Во Охрид прв конгрес на нуркачи во државата

Околу 60 нуркачи учествуваат на првиот Конгрес на нуркачи во државата, што викендов се одржува во Охрид, во организација на клубот за подводни дејности „Охрид”.

Претседателот на клубот „Охрид”, Горан Балески денеска на отворањето на Конгресот посочи дека тоа е одлична можност да ги разгледаат и согледаат проблемите, но и убавите страни на нуркањето.

– Ова е прв обид да се направи Конгрес на кој ќе се соберат сите нуркачи од државата на едно место. Како главен виновник е клубот за подводни дејности „Охрид”, кој со скромни средства и огромно залагање на сите членови се обидовме и еве самото присуство на голем број нуркачи покажува дека успеавме да го организираме Конгресот. Ќе пробаме да ги кажаме добрите и лошите страни во нуркањето, организациски проблеми, болести и се тоа што ги засега нуркачите и нуркачките асоцијации, рече Балески.

Претседателот на Сојузот за подводни активности на Македонија, Периклија Бешка смета дека покрај размен ана искуства помладите ќе ја запознаат историјата и постоењето на нуркањето.

– Ова е убав момент да им покажеме на нуркачите и на глас да кажеме дали има потреба од Сојуз, да дознаеме какво е нивното очекување, што треба Сојузот да направи за нив и дали воопшто треба да постои. Низ историјата постоеше една желба и иницијативи за такво нешто бидејќи ги пресликувавме сите убави моменти од поранешните југословенски простори каде што тоа беше возможно. Беше многу тешко, дури и невозможно да се дојде до опрема, но некако мораше да стигне тоа до кај нас, истакна Бешка.

Градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков изрази задоволство што се домаќини на нуркачи од цела држава, но и соседството, кои ќе разменуваат искуства, проблеми и трикови за нуркањето и подводните дејности.

– Сите вие присутни сте „златни алки на туристичкиот синџир” кој се трудиме да го зацврстиме на светската туристичка мапа. Чисто езеро драги мои не би имале без вашите бројни акции за чистење на езерското дно. Вие неуморно го промовирате градов како атрактивен туристички центар во зима со китење на подводната новогодишна елка, а сте дел и од организацијата на богојавленската манифестација за што искрено ви сум благодарен, рече Пецаков.

Во рамки на Конгресот утре е предвидено нуркање во водите на Охридското Езеро и еколошка акција за чистење на Градското пристаниште во Охрид.

Треба да знаете
Последни објави