Search

Во Македонија отпадот се увезува само со контрола на документи, без лабораториски анализи

Во Македонија отпадот се увезува само со контрола на документи, без лабораториски анализи

Во Македонија се увезуваат акумулатори, гуми и отпадно железо за рециклирање и доработка. Начините на кој се увезуваат, нивната примена е законски утврдено, но контролата на квалитетот на отпадот се потпира на документацијата, а во Македонија не може да се провери бидејќи не постои акредитирана референтна лабораторија. Реакција и сомнежи на употребата има од еколозите за тоа колку се почитуваат пропишаните стандарди за овој отпад како канцероген и според нив не треба да се користи.

Годишно во Македонија се увезуваат и до 8865,765 тони отпад. „Макстил“, „Фени“ „Табак МАК“ и „Санс АГ“ се меѓу увозници што од Министерството за животна средина и просторно планирање имаат дозвола за увоз и постапување со отпадот.

Според податоците од Министерството за животна средина и просторно планирање, а врз основа на доставени документации до министерството за една календарска година вкупната количина на реализиран увоз е од 8865,765 тони. Податоците покажуваат и дека од Македонија исто така се извезуваат 21434,03 тони и транзитира отпад од 1417,34 тони отпад.

Во Репбулика Македонија од 2004 година со Законот за управување со отпад се пропишуваат видовите отпад, условите за увоз, извоз и транзит на отпад, методите за надзор над извозот, увозот и транзитот на отпадот, како и формата и содржината на образецот на дозволата за извоз, увоз и транзит на отпад. Законот ги пропишува процедурите и условите за добивање дозвола за увоз, извоз и транзит на отпад во, од и низ Република Македонија во зависност од видот на отпадот, неговото потекло, земјата на прифаќање. Покрај ова од 2016 година Министерството донесе и правилник за начинот на одобрување на извозот, увозот и транзитот, видовите на отпад согласно режимот на контрола на отпадот, жолта и зелена листа, формата и содржината на обрасците за писмено известување и општи информации, начинот на постапување со истите, начинот на утврдувањето и начинот на активирање и пресметување на банкарската гаранција, односно соодветното осигурување, формата и содржината и начинот на кој се издава одобрението за преработка на отпад во инсталацијата за преработка на отпад, начинот на надзорот над извозот, увозот и транзитот на отпад, како и формата и содржината на образецот на барањето и на дозволата за извоз и увоз на отпади.

Се увезува отпад само за преработка, не за отстранување

Од Министерството за животна средина и просторно планирање за МИА истакнуваат дека увозот на опад во Република Македонија заради отстранување е забрането со овој закон. Дозволен е, наведуваат, увоз на отпад исклучиво за преработка.

Отпадот што се увезува во РМ е главно отпадно железо за што најголем увозник е „Макстил“, бидејќи за нив тоа е основна суровина, потоа отпадна гума и отпадни акумулатори и друго. Дозволите за увоз на отпадот ги издава Министерството за животна средина и просторно планирање. Дозволите содржат точни податоци за тоа кој има намера да го испорача отпадот и се приложуваат низа документи за движење на пратката отпад – товарен лист, информации и документи што се однесуваат на траспортерот, увозникот, односно капацитетот каде ќе заврши отпадот – примачот, склучен договор помеѓу известувачот и примачот на пратката отпад, документ за обезбедена финансиска гаранција и дополнителни информации што ја опфаќаат испораката на отпад од почетното место на испраќање до местото на прифаќање вклучувајќи ги и привремените активности за преработка и отстранување.

– Увозот , извозот и транзитот на опасен отпад во Република Македонија се врши според Базелската конвенција за контрола на прекуграничното пренесување на опасен отпад и негово складирање. Прометот со отпадот е уреден со Правилник на формата и содржината на обрасците за прекугранично пренесувње на отпад. Во земјата не може да се увезе отпад што е наменет за складирање и за отстранување. Исто така не може да се увезе опасен отпад што е измешан со неопасен отпад или други компоненти што ја намалуваат штетноста и опасните карактеристики на отпадот. Дозволен е увоз на отпад што може безбедно да се преработи, да се користи како суровина или да се користи како извор на енергија, изјави за МИА Ана Петровска државен секретар при МЖСПП.

Таа додава дека не постојат законски можности за забрана на увоз на отпад, бидејќи каква било забрана би претставувала кршење на правилата на Светската трговска организација, истовремено забраната за увоз би значела затворање на преработучаките капацитети.

Она што може да се направи и за што има заложби од ДОМ како зелена партија, е да се зголеми процентот на организирано собран отпад каде спаѓаат акумулатори и гуми во Македонија за да се намали зависноста на преработувачките капацитети од увоз.

Во Македонија на влез не се прави контрола на отпадот

Петровска појасни дека контрола на влез на отпадот во Македонија не се прави.

– Согласно принципите на Базелската конвенција за секој камион отпад што се увезува во земјата се доставува документација. Ако станува збор за отпад од зелената листа отпадот ја поминува границата по претходно добиена согласност од земјата на потекло, односно согласно од земјата примател. Доколку отпадот е класифициран според килибарната листа, покрај дозволата, се доставува и извештај за составот на отпадот од акредитирана лабораторија која извршила карактеризација и потврдила дека отпадот е соодветно класифициран. Македонските царински органи се должни да ја проверат оваа документација. Карактеризацијата извршена од страна на акредитирана лабораторија со потекло од развиените земји во принцип претставува доволна гаранција дека наодот од документацијата е соодветен на фактичката состојба. Меѓутоа понекогаш карактеризацијата на отпадот што се приложува во документацијата може да биде спорна и во тој случај во Македонија не постојат услови за контрола на отпадот што се увезува, бидејќи немаме акредитирана лабораторија за карактеризација на отпадот, изјави Петровска.

Решението според ДОМ е основање национална акредитирана референтна лаборатија што ќе може да врши контрола на квалитетот на отпадот што се увезува во Македонија, но ќе може, исто така, да врши контрола на емисии на загадувачки материи од инсталациите што имаат А, односно Б интегрирана дозвола, како и од помалите загадувачи.

Отпадот во земјава, како што посочуваат од Министерството, е со потекло од различни земји како суровина за третман или преработка што се користи од страна на различни правни субјекти. Во „Макстил“ отпадното железо е влезна суровина за производство, отпадните акумултори се увезуваат за потребите на производството на постројката „Таб Мак“ од Пробиштип, отпадните гуми се увезуваат за различни цели како што се протектирање и потоа користење во сообраќај или алтернативно гориво за цементарницата „Титан-Усје“.

Еколозите се соменваат во примената на пропишаните услови и стандарди

Еколозите забележуваат дека не се знае точно како овој отпад се користи и дали под условите што се пропишани законски, бидејќи тоа е важно затоа што тој влијае негативно врз животната средина.

-Нам не ни е познато точното количество отпад и типот на отпадот што се увезува. Отпадот што се увезува за да се извезе не знаеме дали навистина е транзиторен или дел останува и се користи во земјата и под кои услови. Транспарентноста во однос на податоците за увезен отпад е минимална, нема објава на месечни податоци, каде лесно и јасно ќе биде прикажан типот на отпад, колку е увезен, за која намена, на кој начин се искористува и кои компании го увезуваат и каде го извезуваат, велат за МИА од О2 Коалициајта.

Посочуваат дека им е познато оти се увезуваат отпадни акумулатори, но, велат, точно како се искористуваат, што значи рециклирање на тие акумулатори не знаат. Додаваат, исто така, дека во „Фени“ се увезуваат отпадни гуми како енергенс за гориње, но колку се користат, дали во дозволениот максимум од 25 отсто, во кои услови, за тоа нема инспекција во земјата што ќе даде одговор.

Според нив, ниту за акумулаторите, ниту за гумите, ниту за другиот увезен отпад, како железо и други метали не знаеме што и како се користи и дали под условите што се пропишани, зошто немаме соодветна инспекција што би давала редовни извештаи за целокупниот увезен отпад во Македонија.

Од О2 Коалицијата наведуваат дека овој отпад влијае на најлош можен начин врз животната средина.

– За топење отпадни акумулатори на диво, без лиценца сме слушнале и можеме само да замислиме што се се ослободува, кое количество токсини и канцерогени супстанци што остануваат долго потоа во околината. При горење на гумите во Фени ослободувањето диоксини е неминовно и во добро контролирани усллови, а не пак кога е поинаку. Постојано горење гуми на отворено имаме преку цела година, истакнуваат од О2 Коалицијата.

Оттаму појаснуваат дека диоксините се едни од најтоксичните, најпотентни канцерогени, за пола милион пати поканцерогени од арсенот, ги предизвикуваат сите типови рак, го оштетуваат имунолошкиот, хормоналниот, нервниот, репродуктивниот систем, доведуваат до вродени дефекти и мртвородени деца. Плодот во формирање е особено чуствителен, со последици по многу органи, мутации, хормонски дисбаланс до степен на промена на половата ориентација кај новородените. Диоксините, како што посочуваат, остануваат долго потоа во ланецот на исхрана, се таложат во мастите на организмот, се акумулираат и се пренесуваат преку мајчиното млеко на доенчињата, ја преминуваат плацентата и го оштетуваат и предизвикуваат пореметувања кај плодот во развој.

МИА

Треба да знаете
Последни објави