Search

Во Македонија најмногу вработени Роми во однос на регионот

Само околу 16,5 отсто од Ромите во регионот се вработени, додека вкупната стапка на вработеност во земјите од Западен Балкан лани изнесувала 41, 57 отсто. Во Македонија има најголем број вработени Роми – 22 отсто, покажуваат податоците од истражувањето за Ромите во земјите од Западен Балкан направено во 2017 година од УНДП и Светската банка со помош на Европската комисија.

Резултатите од истражувањето беа презентирани денеска на регионалната конференција за иновативни пристапи за вработување на Ромите, што заеднички ја организираат Советот за регионална соработка (РСС) за интеграција на Ромите 2020 и Платформата за вработување и социјални прашања, како и Фондот за образование на Ромите. Претставниците на овие организации укажуваат на итна потреба за содавање можности за вработување на Ромите и промена на пристапот кон ова прашање на земјите од регионот во согласност со стратешките евроинтеграциски цели.

Според презентираното истражување, меѓу 73 и 86 отсто од младите Роми, на возраст меѓу 18 и 24 године, не се вработени, не се едуцираат и немаат соодветни обуки. Освен тоа, анализата за извештајот за напредокот за спроведување на политиките за интеграција на Ромите во 2017 гпдина која им се доставува на владите од земјите од Западен Балкан покажала дека вкупно 54 отсто од мерките за вработување во планираните национални акциски планови за интеграција на Ромите во целост или делумно се реализирани , што укажува на потребата за унапредување во наредниот период.

Орхан Усеин, лидер на Акцискиот тим за интеграција на Ромите 2020, вели дека со оглед на тоа што единствен пристап за вработување на Ромите во земјите од регионот се активните мерки што не се однесуваат само на оваа етничка заедница туку и на други ранливи категории, целта е да се види како тие мерки влијаат врз овие групи на граѓани.

Она што го очекуваме е да видиме дали постојат мерки кои бараат законски промени, промени во однос на социјално претприемништво, во однос на даночни олеснувања посебно на самовработување и субвенции за самовработување. Постои цел еден каталог на активни мерки за вработување, кои сакаме да ги истражуваме и да видиме како ќе влијаат врз Ромите, посочи Усеин.

Споредувајќи ги податоците од 2017 и 2011 година, може да се забележи дека состојбата со вработувањето на Ромите во земјите од регионот се влошува.

-Следењето на спроведувањето на стратегијата Југоисточна Европа 2020 ги покажа првите знаци на економско закрепнување во шест економии во земјите од Западен Балкан што во однос на стапката на вработување значеше постојано зголемување од 2016 година. Во регионот се отворени 600.000 работни места што не се рамномерно распоредени на населението од Западен Балкан, истакна Вања Ивошевиќ, виш експерт за прашања за политика, наука и вработување во Советот за регионална соработка. Според неа, најголема корист од вработувањето имале високобраозваните лица и мажите.

– Во тој контекст сакаме да им помогнеме на владите на најдобар начин да ги дефинираат активните политики и мерки на пазарот на труд во корист на сите граѓани, вклучувајќи ги и Ромите, рече Ивошевиќ.

Директорот на Фондот за обраозвание на Ромите, Надир Реџепи, ја истакна важноста за рамена на искуства и дискусии за начинот на кој може да се подобри вработеноста. Зборувајќи за образованието на Ромите кажа дека тие се дискриминирани, но и дека треба да се работи на интеграција на родителите.

Од друга страна, пак, координаторот за интеграција на Ромите во Генералниот директорат на Европската комисија за вработување, социјални прашања и инклузија Доминик Бе потсети дека сите претпристапни економии имаат национални стратегии за интеграција на Ромите, и нагласи дека обезбедување на еднаков пристап до образование, вработување, здравство и живеалиште е дел од процесот за проширување.

-Мора многу да се направи. Не е забележан никаков напредок во процесот на вработување, додека стапката на малдите Роми кои немаат вработување, образование или обука дури и се зголеми. Значи потребно е да се зголемат амбициите во поглед на напредокот за време на фазите за пристапување кон ЕУ, рече тој.

На дводневната конференција во Будимпешта, на која присуствуваат владини претставници, претставници на НВО секторот и меѓународни организации, посебно внимание ќе биде посветено на темите за непријавените вработувања, како и мерките за надминување на овој прашање.

-Македонија во регионот води во однос на стапката на вработени Роми. Според податоците што ги имаме од регионалното истражување што беше спроведено од УНДП и Светска банка, стапката на вработеност на Ромите во Македонија е 22 отсто што е за шест отсто поголема од просечната стапка на вработеност на Ромите во регионот на Западен Балкан, каде изнесува 16 отсто. Но, тоа не значи дека тука треба да застанеме, бидејќи стапката на вработеност помеѓу Ромите и припадниците на други етнички заедници е двојно поголема, изјави Орхан Усеин, лидер на Акциониот тим за интеграција на Ромите 2020.

Во Македонија, земајќи ги предвид условите од Охридскиот рамковен договор, според Усеин, Ромите се повеќе вработени во јавниот сектор отколку во приватниот и тоа мора да се промени. Секако притоа мора да се земат предвид образованието и бројот на високо образовани Роми, чиј број во изминатите десет години е зголемен.

Мабера Камбери, претставник од Министерството за труд и социјална политика, најави нови мерки за вработување на Ромите, посочувајќи дека во моментот во јавниот сектор во Македонија има 150 вработени.

-Јасно се покажа дека Македонија предничи во однос на останатите земји од регионот во делот на вработување. Тоа, пред се, мислам дека се должи на секторскиот пристап бидејќи МТСП тесно соработува со Министерството за образование и наука и бидејќи не би ги постигнале овие резултати доколку немаме квалитетен образовен кадар помеѓу ромската заедница во Република Македонија. Околу 150 Роми во моментов се вработени во ресорните министерства и другите институции во Владата на Република Македонија, изјави Камбери.

Напорите се насочени, како што кажа таа, на лицата кои немаат или имаат помало образование.

– Со нив треба да се работи на активните мерки за вработување, кои секоја година Владата на Република Македонија, на крајот на годината ги усвојува заедно со Агенцијата за вработување и во текот на 2019 година МТСП во соработка со УНДП започнува еден нов проект. Тоа е АЦД програмата која многу успешно се имплементира во Шпанија и сакаме добрите практики од Шпанија да ги примениме и во Република Македонија и тие ќе бидат наменети токму за ранливите категории во кои спаѓаат и Ромите, информираше Камбери.

Тоа, како што додаде, не значи дека тие ќе бидат веднаш вработени за да можат директно да бидат вработени во фирмите кои имаат потреба од нив.

– Сите субјекти кои сакаат да вработуваат лица од ранливите категории да овозможат практична работа за нив и оние кои ќе покажат најдобри резултати ќе останат и ќе се вработата во таа компанија, појасни Камбери.

Од следната година, по усвојувањето на новиот закон за социјална заштита, како што најави претставничката на МТСП на конференцијата во Будимпешта, вниманието ќе биде насочено кон лицата кои остваруваат права од социјалната заштита да бидат вклучени на пазарот на трудот.

– Тоа ни е интенцијата и затоа ќе се формираат посебни групи во центрите за социјална работа. Во тие менаџмент групи ќе бидат вклучени и Роми кои ќе работат со најранливи групи категории и заедно ќе се креираат профили, лицата што остваруваат права да преминат од социјалната сфера на пазарот на трудот, посочи претставничката на МТСП.

Посебно внимание се обрнува на вработувањето и едукацијата на девојките и жените Ромки.

– И тоа од најраната детска возраст, од вклучувањето на децата од предучилишно образование. Педесет отсто од вклучените деца мора да се девојчиња. Исто така од доделувањето на стипендии во средните училишта исто така половина од нив мора да се девојчиња. И при вработувањето МТСП посебно внимание обрнува токму во вклучувањето на жените на пазарот на трудот, вели Камбери.

Во македонската делегација освен Камбери се и претставници на Министерството за локална сампуправа, на Агенцијата за вработување, како и на неколку ромски невладини организации

Треба да знаете
Последни објави