Search

Во Кaрпош ќе биде отворен првиот центар за адолесценти и лица со аутистичен спектар и атипичен развој

Денес, пред објектот на Амбулантата во Тафталиџе 1, заедно со Виктор Исјановски – советник во Општина Карпош, одржавме средба со претставници од Здружението на граѓани „Во Мојот свет“ и родители на деца со аутистичен спектар и атипичен развој, каде разговаравме за проектот – Прв центар за адолесценти и лица со аутистичен спектар и атипичен развој во општина Карпош.

„За жал, аутизмот во нашата држава и општина е многу реален и може да погоди било кого. Тој претставува развојно  нарушување со неколку основни карактеристики: тешкотии во говорот, јазикот и невербалната комуникација, тешкотии во социјалната интеракција и тешкотии со внатрешниот говор. Но сепак, аутизмот е и повеќе од ова, повеќе од она што го читаме и гледаме во нашето опкружување или на социјалните мрежи. Аутизмот претставува начин на живот, секојдневно справување со предизвиците кои ги  носи, истрајност, многу љубов и поддршка од страна на семејството.

Од овие причини, во мојот мандат како Градоначалник се обврзувам на територија на општина Карпош, поточно во неискористениот дел на објектот на Амбулантата во Тафталиџе 1, да се отвори Првиот Центар во Градот и Општината кој  ќе биде наменет за адолесценти и лица со аутистичен спектар и атипичен развој и поддршка на членовите на нивните семејства.

Центарот ќе овозможи индивидуална работа и индивидуален третман за секој корисник од страна на стручни лица, специјален едукатор и рехабилитатор, психолог и логопед.

Центарот ќе спроведува активности кои ќе им овозможат на адолесцентите со аутистичен спектар поголема социјализација, стекнување со животни и работни вештини кои им се потребни во секојдневните животни активности и кои ќе обезбедат нивна поголема самостојност. Центарот ќе биде опремен со дневен престој, прилагодена кујна, потоа соба за физички активности, соба за музички активности и соба за арт терапија.

Дополнително се обврзувам надворешниот простор околу Центарот да биде соодветно обезбеден, соодветно уреден со реквизити и помагала за терапевтски и физички активности  во надворешни услови за овие лица како и хортикултурно уреден.

Овој Центар ќе го отвориме како одговор на барањето на голема група на родители кои имаат адолсценти со аутистичен спектар. Активноста ќе се спроведеврз основа на потпишаниот трипартитен Меморандум за соработка меѓу Министерство за здравство, Здравстен Дом – Скопје и Здружението на граѓани „Во Мојот свет“ – истакна Душко Весковски, каднидат за градоначалник на Општина Карпош.

 

Треба да знаете
Последни објави