Search

Во Карпош почна акцијата за засадувањето на 450 нови дрвја

 

Во рамки на Деновите на Општина Карпош, започна есенската акција за зголемување на зеленилото. Во таа насока, комуналните служби на локалната самоуправа започнаа со садење на 300 нови ореви, по дворовите на основните училишта и градинките во Карпош. Акцијата започна во дворот на ООУ „Димо Хаџи Димов“ во Влае, како и во градинката „Пролет“ во Козле.

На овој начин значително ќе се зголеми зеленилото во населбите, имајќи предвид дека воспитно –  образовните установи се  лоцирани меѓу објектите за домување, односно меѓу куќите и зградите во сите урбани и месни заедници.

Овие 300 нови ореви се донација од Факултетот за земјоделство и храна.

Во денешната изјава за медиуми, градоначалникот Стефан Богоев упати благодарност до Факултетот, но посочи дека локалната самоуправа овој период започнува и со садење на 150 нови дрвја, јавори и липи, финансирани од Буџетот на Карпош. Во оваа пригода тој се осврна и на проблемот со аерозагадување:

-Акцијата за садењето на 150 дрвја ја започнавме од Карпош 4, од делот кај  трговскиот „Антико“, а продолжуваме и на ул. „Васил Чакаларов“, кај Порта Козле. Заштитата на животната средина е приоритет број 1. Сведоци сме на сериозно аерозагадување, но, како локална самоуправа преземаме повеќе мерки за негово намалување.

Токму во оваа близина, во градинката „Пролет“ во Влае 2, неодамна го променивме и системот на греење (од нафта на термални пумпи), со што емисијата на ПМ10 честички на дневно ниво опадна за 11 килограми. Раззеленувањето е еден сегмент, но во таа насока, периодов ги затворивме и најкритичните диви сметилишта –  за да нема огнови на отворено, ги интензивиравме и инспекциските контроли, а Градот Скопје доделува и субвенции за инвертери, како замена за печки на цвртсти горива (загадувачи), рече Богоев.

Градоначалникот посочи дека се потребни уште повеќе мерки на подолг рок, од сите чинители за справување со глобалниот проблем –  аерозагадувањето.

Деновите на Општина Карпош поминуваат во духот на хуманоста, солидарноста, и заштитата на животната средина. Во текот на викендот, ќе се отстрануваат и несоодветните натписи, графити од јавните површини, а на 03. ноември планирано е и одржување на свечена академија, каде што ќе се додели Плакета – признание за заслужниот граѓанин за 2020 година.

Треба да знаете
Последни објави