Search

Во Казахстан почнаа разговорите за Сирија

Делегациите на Русија и Иран одржуваат билатерални консултации на маргините на 14. рунда разговори за Сирија во главниот град на Казахстан, Нур Султан, пренесува ТАСС.

Руската делегација ја предводи специјалниот претседателски претставник за Сирија, Александар Лаврентјев, и заменик министерот за надворешни работи, Сергеј Вершинин, а иранската делегација ја предводи вишиот помошник на министерот за надворешни работи, Али Асгар Каџи.

Дамаск традиционално го претставува претставникот на Сирија во ОН, Башар Џафари, додека сириската опозиција ја претставува Ахмад Тома.

Специјалниот претставник на ОН за Сирија, Геир Педерсен, присуствува на разговорите во име на Обединетите Нации. Покрај тоа, претставници на Меѓународниот комитет на Црвениот крст и кабинетот на Високиот комесар на ОН за бегалци дојдоа да одржат редовен состанок на работната група за ослободување на притворените.

Консултациите се одвиваат зад затворени врати.

Денеска и утре, главниот град на Казахстан е домаќин на 14-та рунда разговори за Сирија, во кои учествуваат гарантите на процесот Астана (Русија, Иран и Турција), сириската влада и вооружената опозиција, како и високи претставници од ОН, Јордан, Либан и Ирак.

Во среда ќе се одржи пленарна сесија на која Јордан, Либан и Ирак ќе се приклучат како набљудувачи. Работата на Сирискиот уставен комитет и состојбата во Идлиб се главни теми на агендата.

Треба да знаете
Последни објави