Search

Во Кавадарци промовирана книгата „Спомените на татко ми Ивче” од Аница Коловска

Книгата „Спомените на татко ми Ивче” од Аница Коловска денеска беше промовирана во Кавадарци.

Станува збор за спомени на Глигор Гечевски Ивче, истакнат револуционер, скоевец, партизан, значајна личност од поновата историја на Тиквешкиот крај, пишувани или снимени непосредно по завршување на Втората светска војна и подоцна.

Глигор Гечевски Ивче е роден во Кавадарци во 1921 година, во сиромашно земјоделско-занаетчиско семејство. Неговиот револуционерен пат започнал кога имал само 18 години. Заради својата активност во напредното младинско движење, бил апсен и затворан. Во јуни 1943 година, целосно се вклучил во активностите за формирањето на Тиквешки партизански одред, како отпор против фашистичкиот окупатор за време на Втората светска војна.

Промотор на книгата е Петре Камчевски, кустос-советник и историчар.

– Глигор Гечевски Ивче во текот на целиот свој живот даде голем придонес за подобра и посветла иднина на својот роден град Кавадарци, сето тоа го направи со голема љубов, скромно и чесно. Тоа многу добро го знаат оние кои имале чест да го познаваат и да соработуваат со него. Присуството на историска логика, поткрепена со соодветна документација и голем број на фотографии, го прави овој мемоарски труд да биде автентичен прилог во расветлувањето и презентирањето на многу настани од нашето поблиско историско минато, нагласи Камчевски.

Според Камчевски, Ивче понекогаш бил иритиран од постапките на некои револуционери и политичари, па реагирал жестоко, на нему својствен начин.

– Такво нешто се случило при организирањето на прославата по повод 15-годишнината од формирањето на Втората македонска ударна бригада. На прославата присуствувале и Борко Темелковски-Лилјакот и Наум Наумовски Борче. Кога поминувале покрај куќата на Страшо Пинџур, тие одбиле да влезат таму. Тоа нешто предизвикало сомнеж кај Ивче и си го поставувал прашањето дали има нешто во држењето на Страшо, некаква колебливост, а за која тој не знае. Ама бидејќи работел во ОЗНА и имал можност да ја види целокупната документација, бил сигурен дека такво нешто немало. Оттука заклучил дека овие двајца заедно со Вера Ацева настојувале да ја толкуваат историјата како што ним им одговара, не земајќи ги во предвид оригиналните документи и постоечката историографија. Познавајќи го Страшо како свој идол од револуционер, како кристално чист и предан револуционер, Ивче, Вера Ацева за сите обвинувања што ги прави према Страшо Пинџур, ја нарекува “проклета жена”, изјави Камчевски.

За својот придонес во Народноослободителната војна, Ивче добил повеќе ордени.

Издавач на книгата е Музеј галеријата од Кавадарци.

Треба да знаете
Последни објави