Search

Во Италија од денеска се забранети кабински куфери во авионите

Од денеска во Италија е забрането внесувањето кабински куфери во авионите, што претставува една од заштитните мерки за време на пандемијата на коронавирусот,  соопшти  италијанската Управа за цивилно воздухопловство – ЕНАК.

Почнувајќи од денеска на појдовните и дојдовните летови на домашните и меѓународните авиокомпании во Италија нема да им бидат дозволени кабински куфери, туку само мала торба, чанта или ранец што може да се чуваат во просторот под седиштето, се вели во изјавата на ЕНАК испратена до авиокомпаниите.

Управата истакнува дека патниците можат да внесат багаж во авионот што може да се смести под седиштето, бидејќи, како што е наведува,„ од здравствени причини не е дозволено користење на багажниот простор над седиштето”.

Според италијанските медиуми, целта е луѓето да бидат на безбедно физичко растојание, и затоа е неопходно да се избегнат гужвите што можат да се појават поради поставување багаж во преградата над седиштето на авионот.

Одлуката наиде на критики и проценки дека ќе направи дополнителна штета на туризмот, што веќе и онака е силно погоден од пандемијата и повеќемесечните рестриктивни мерки.

На патниците на аеродромите ќе им се мери телесната темепаратура, а доколку надмине 37,5 нема да им биде дозволено да се качат на летот.

По околу три месеци блокада поради коронавирусот  Италија од 3 јуни ги отвори своите граници кон земјите од ЕУ.

Треба да знаете
Последни објави