Search

Во ИД војувале 1.200 терористи од Балканот

Вкупниот број борци на џихадистичката група Исламска држава, кои се со потекло од Западен Балкан е поголем од 1.200, од кои 350 се од БиХ, се наведува во проценките на босанските безбедносни служби.

Според документацијата, најмногу борци на ИД има од Косово – 403, потоа следува БиХ со 350, Албанија меѓу 180 и 200 и Северна македонија со 156 борци, објави порталот бањалука.нет.

– Што значи враќањето на тие терористи на Балканот, што ќе значи и колку е тоа реален проблем, ќе се дознае многу брзо, откако повратниците ќе ги отслужат своите симболични казни за учество во борбите на страна на ИД и Ал Каеда во Сирија и Ирак, се додава во документацијата.

Како што се наведува, за домашното правосудство претставува проблем што нема конкретни докази дека тие извршиле злосторства и учествувале во убиства на заробеници, а безбедносните служби предупредуваат дека тие во релативно краток период формално-правно ќе бидат слободни граѓани, кои веројатно нема да се откажат од своите радикални верски и терористички идеологии.

Покрај тоа, во документацијата уште се наведува и дека Западен Балкан има проблем поврзан со економската инфилтрација на Турција и Катар во Албанија, Северна Македонија, Косово и БиХ, која и користи на идеолошката инфилтрација поврзана со Муслиманското братство, пишува порталот.

– Се додава дека таа индоктринација ја спроведуваат различни исламски невладини организации, кои имаат за цел да издоминираат со исламот на Балканот и кои сигурно ќе остварат контакт со повратниците од Сирија и Ирак и ќе продолжат да работат со нив како хуманитарни организации, пишува во документите на босанските безбедносни служби.

Треба да знаете
Последни објави