Search

Во Грција 98 починати од Ковид-19 и 1.667 новозаразени

Националната организација за јавно здравје на Грција попладнево соопшти 98 смртни случаи од Ковид-19 и 1.667 новозаразени со што бројот на починати од почетокот на пандемијата се зголеми на 2.804 лица, а на заболени на 113.185, јави дописничката на МИА од Атина.

На Одделите за интензивна нега 612 пациенти се лекуваат приклучени на апарати.

На денешната редовна прес конференција за ситуацијата со коронавирусот во Министерството за здравство на Грција, професорката епидемиолог и член на надлежната комисија Вана Папаевангелу рече дека и понатаму е голем притисокот врз здравствениот систем, со исполнети 84 отсто од креветите на интензивна нега во цела Грција, во Солун  слободни се само 6 проценти, а хоспитализирани се околу 4.000 пациенти.

Професорот Гикас Мајоркинис, кој исто така е член на комисијата на епидемиолози рече дека е намален репродукцискиот број на коронавирусот (Рт) како во Солун, така и во Атина и е под еден, но сепак истакна дека и понатаму е висок бројот на активни случаи во овие два града и е на ниво како на почеток на ноември.

Заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас рече дека во овој момент „бројот на потврдени случаи во земјата кои сè уште се во домашна изолација е 16.617″, а од нив 66,4 отсто се во северниот дел на земјата.

Од понеделник грчката Влада воведува две нови мерки и се отвораат продавниците за новогодишни производи

Хардаљас денеска соопшти две нови мерки кои стапуваат во сила во понеделник, а се со цел да се спречи дополнителното ширење на коронавирусот.

Првата се однесува на копнените граници, односно сите оние кои при тестирањето на влезот во Грција добијат позитивен резултат ќе се враќаат назад и нема да им биде дозволено да продолжат до нивната дестинација.

Од 20 ноември на сите гранични премини што се отворени за одредени категории, освен задолжителен негативен ПЦР тест за влез во Грција, дополнително на сите им се прави и рапид тест.

Втората мерка е забрана на посети на Света Гора за оние кои не престојуваат таму.

Генералниот секретар за трговија и заштита на потрошувачи Панајотис Стамбулидис детално ја објасни владината одлука од понеделник да се отворат продавниците со сезонски, односно новогодишни производи.

Треба да знаете
Последни објави