Search

Во Грција регистрирани 1.388 нови случаи, починаа 84 лица од Ковид-19

Намален е бројот, како на новозаразени, така и на смртни случаи во Грција во изминатите 24 часа, според официјалните податоци соопштени на редовната прес конференција во Министерството за здравство на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Регистрирани се 1.388 нови случаи, а починаа 84 лица, додека пак 549 лица се приклучени на апарати, девет повеќе од вчера.

Професорката епидемиолог Вана Папаевангелу и член на Комисијата на епидемиолози во Министерството за здравство на Грција рече дека притисокот врз здравствениот систем е голем со оглед на тоа дека хоспитализирани се над 4.000 пациенти со Ковид-19, а исполнет е 86 отсто од капацитетот на Одделенијата за интензивна нега на лица со коронавирусот.

Во областа Атика, поширокиот регион на Атина, исполнет е 81 отсто од капацитетот, а во северна Грција достигнува до 99 проценти.

Професорката истакна дека има намалување на новите случаи, но можеби не е со очекуваниот ритам, бидејќи има голема раширеност на вирусот во општеството, но додаде дека мерките почнуваат да даваат резултати.

Заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Харадљас на редовната прес конференција, говорејќи за тоа кога ќе бидат ублажени рестриктивните мерки и карантинот, рече дека одлуката на Владата ќе биде базирана на епидемиолошките податоци, кои ги следи секојдневно и додаде дека за Владата единствен приоритет останува заштита на јавното здравје.

Треба да знаете
Последни објави