Search

Во Грција починаа 60 лица за еден ден од коронавирусот

Во Грција повторно е регистриран зголемен број нови случаи, но и починати од Ковид-19, согласно денешните податоци од Националната организација за јавно здравје.

Во изминатите 24 часа има 3.209 новозаразени и 60 починати од коронавирусот, додека пак приклучени на апарати се 480 пациенти, 37 повеќе од вчера. Од новите случаи, најголемиот број, 905 се во Солун, каде што е сериозна ситуацијата и во болниците, со слободни само 12 ковид – кревети на Одделите за интензивна нега, односно шест отсто од вкупниот капацитет.

Во цела Грција, слободни се само 21 процент од креветите на интензивна нега во болниците во земјата, а во однос на оние наменети за пациенти со Ковид-19, од 624 исполнети се 82 проценти, а слободни се само 114 места.

Министерот за здравство на Грција Василис Кикиљас, попладнево, на прес конференција го презентираше националниот план за вакцинација на населението за Ковид-19, а говорејќи за денешните податоци, истакна дека здравствениот систем е под притисок, особено во северниот дел на земјата.

Во однос на процесот на вакцинација, според презентираниот план,  Грција ќе добие од вакцините за кои Европската унија преговара со шест фармацевтски компании, од кои со четири има веќе потпишан договор.

Кога вакцините ќе пристигнат во Грција, ќе се распределат во 1.018 центри за вакцинирање, каде што месечно ќе може да се вакцинираат 2.117.440 граѓани.

Приоритет ќе имаат здравствените работници, потоа ранливите категории, а на крај останатите граѓани.

Планирано е вакцинирање и во домовите за стари лица, во затворите, но и вакцинирање на бегалците и мигрантите сместени во прифатните центри и камповите во Грција.

Вакцината ќе биде бесплатна, а процедурата за граѓаните ќе биде со претходно закажан термин.

Од почетокот на епидемијата, од Ковид-19 во Грција починаа 1.288 лица, а регистрирани се вкупно 82.034 случаи.

Треба да знаете
Последни објави