Search

Во градинките има простор за згрижување на уште 4.500 деца

Согласно протоколот има простор за згрижување на 19.000 деца, а досега се пријавени 14.555 деца, што остава простор за прием и згрижување на уште 4.500 деца. Ова го истакна министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, која денеска на првиот ден од отворањето на детските градинки ја посети градинката „Бубамара’, која се наоѓа во општината Аеродром, Скопје.

Како влезен критериум за згрижување на дете во градинка, Шахпаска истакна дека приоритет има дете на самохран родител и дете на двајца вработени родители чиј работен процес не дозволува работа од дома, односно мора да бидат физички присутни на своите работни места.Согласно протоколите во групите од 0-2 години, се сместуваат максимум 6 деца, за кои се грижат двајца вработени од градинката, а во останатите групи од 2-6 години, максимален број на деца е 15 , за кои се грижат исто така двајца вработени.

Шахпаска упати на максимална одговорност од страна на сите чинители вклучени во процесот на згрижување на децата во градинките, со цел нивна заштита и побезбеден престој на децата во истите, водејќи се строго согласно протоколите за заштита од Ковид -19.

„Протоколот којшто Комисијата за заразни болести го усвои на 29 мај многу јасно ги утврдува прописите на однесување на сите чинители. Од приемот на децата од страна на воспитувачите, до нивното сместување во занималните, начинот на којшто ќе се одвива денот, дотур на храна, дневниот одмор, сè до нивното испраќање од градинката“, посочи Шахпаска.

Од страна на директорката на градинката „Бубамара“ од општина Аеродром, Елена Устамитова, беше посочено дека првиот работен ден на градинката започнал во најдобар ред со строго почитување на протоколите.

Првиот човек на општина Аеродром, Златко Марин, потврди дека сите градинки на ниво на општината подготвено согласно протоколот, ја започнале својата работа .

Треба да знаете
Последни објави