Search

Во Гостивар претставена „Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот во Република Северна Македонија”

Претставници на Владата во Гостивар ја претставија „Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот во Република Северна Македонија”. Во салата на советот на општината на деветтата од серијата јавни дискусии зборуваа заменик министерката за финансии во Влада на РСМ, Ширет Елези, директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Илхан Рахман и директорката на Македонскиот институт за медиуми (МИМ), Билјана Петковска.

Според заменик министерката Елези, „Стратегијата за едно општество и интеркултурализам” ја исцртува една од главните карактеристики и вредности на нашата земја, која во светот веќе се препознава определбата да градиме и негуваме општество еднакво за сите.

– Еден од водечките концепти на Стратегијата за едно општество и интеркултурализам е еднаквоста и недискриминацијата. Почитувањето на различностите и спецификите на секоја индивидуа е богатството на едно општество, рече Елези и додаде дека улогата на Министерството за финансии во врска со придонесот за Стратегијата за едно општество и интекултурализам се состои во делот на зголемување на средствата за рамномерен регионален развој, во зајакнување на финансиските капацитетите на единиците на локалната самоуправа.

Директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Илхан Рахман рече дека Агенцијата како посебен орган кој ги следи остварувањето, унапредувањето и заштитата на правата на помалубројните заедници дава значаен придонес во изготвувањето на Нацрт-текстот на Стратегијата, и тоа во сите кластери преку давање на предлози, идеи и пренесување на професионални искуства.

Билјана Петковска, директорката на Македонскиот институт за медиуми (МИМ), на презентацијата нагласи дека надминувањето на поделбите меѓу граѓаните кои припаѓаат на различни етнички, верски и културни заедници ќе придонесе за создавање на општество во кое секој поеднинец ќе ги ужива своите права подеднакво како и сите останати граѓани во нашата земја.

– Граѓаните добиваат информации од медиумите кои се пристрасни, ентоцентрични и создаваат искривена слика за „другиот”. Стратегијата го препознава овој проблем и во делот на мерки и активности со цел подобрување на состојбата се предвидени активности во два клучни сегменти и тоа: унапредување на медиумскиот простор со цел граѓаните да добиваат квалитетни информации од медиумите и унапредување на медиумската писменост кај граѓаните, рече Петковска.

Маја Петковска Лесес, координаторка на кластерот за медиуми во координативното тело за подготовка на националната стратегија го претстави Нацрт-текстот на „Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот” пред претставници од граѓанскиот сектор, локалната самоуправа и медиумите.

Во дискусиите кои следеа, иницијатавта беше поздравена заради можноста со да се учествува со изнесување на повеќе сугестии за намалување на поделбите и за создавање услови за подобро, подеднакво и покохезивно општество.

Роберт Алаѓозоски советник во Владата нагласи дека овие средби се значајни особено во делот со кој локалните заедници ќе влијаат врз конечниот текст на стратегијата. Според него, граѓанските организации можат да доставуваат предлози до 20 јуни за да се направи подобрена верзија.

Следната јавна дискусија за Стратегијата е на 25 јуни во Скопје.

Треба да знаете
Последни објави