Search

Во голем дел од Венецуела повторно нема струја

Денеска дојде до нов голем прекин во снабдувањето со електрична енергија во неколку региони во Венецуела.

Струјата постепено почна да се враќа во домовите на луѓето откако беше прекината пред два дена, но денеска повторно нема струја во области каде што веќе беше обновена.

Во исто време, голем пожар избувнал во трафостаница во Боливар, соопшти порталот Национал. Од локацијата излегува густ, црн чад, а локалните власти досега не ја соопштија причината за пожарот.

Колапсот на енергетскиот систем се случи на 7 март поради хаварија. Националната компанија за електрична енергија соопшти дека колапсот бил резултат на пренасочување и оти „е епизода од енергетската војна против Венецуела”.

Владата во Каракас денеска соопшти дека ќе поднесе жалба до високата комесарка на ОН за човекови права Мишел Бачелет, поради „саботажа” на електромрежата, за која властите на земјата го обвинуваат „американскиот империјализам”.

– Ќе поднесеме жалба за да се обезбеди почитување на човековите права во нашата земја, изјави министерот за комуникации и култура Хорхе Родригес и додаде дека таа саботажа, која требало да ја остави Венецуела без струја неколку дена, била „најбрутален чин на агресија во изминатите 200 години”.

Претседателот на Венецуела Николас Мадуро го обвини „американскиот империјализам” за оваа саботажа, а Стејт департментот негираше каква било вмешаност. 

Треба да знаете
Последни објави