Search

Во Берово успешно реализирана акцијата ,,Донирај мед за имунитет”

Под мотото ,,Донирај мед за имунитет”, во Берово собрани 65 килограми мед, кои ќе бидат наменети за лицата со слаб имунутет и социјално-загрозени семејства. Пчеларот Гоце Дочински, кој ја иницираше акцијата информираше дека покрај пчеларите во акцијата се вклучиле и голем број хумани граѓани кои не се пчелари.

– Слободно можам да кажам дека иако сме мал регион, сите пчелари од Малешевијата се вклучија во акцијата и донираа 65 тегли мед. Благодарност до сите пчелари кои учествуваа во акцијата како и до оние граѓани кои со свои пари купија мед и дадоа свој придонес за реализацијата на целата идеја, истакна Дочински.

Медот и пчелните производи се големи зајакнувачи на имунитетот, што според Дочински беше причината да се реализира оваа акција.

-Сите знаеме за имуностимулирачките карактеристики на медот и пчелните производи. И самите лекари во неколку наврати потврдија дека подигањето на имунитетот е мошне важна карактеристика во насока на заштита од корона вирусот, па токму од таа цел е иницирана оваа активност, додаде Дочински.

Собраниот мед е доставен до екипи на Општина Берово, кои според планираното ќе го дистрибуираат до социјално загрозените семејства и лицата со слаб имунитет.

Треба да знаете
Последни објави