December 4, 2022 18:55
Хроника

Во Арачиново уапсен дилер на кокаин, наплаќал по 40 евра за 28 грама кокаин

Одделот за сузбивање со организиран и сериозен криминал – Сектор за криминалистички истраги – Единица за недозволена трговија со дрога, по повеќемесечна полициска истрага, на 05.10.2022 година лишија од слобода дилер на кокаин од скопско Арачиново.

Имено, во рамките на спроведената криминалистичка истрага во периодот од јуни до октомври 2022 година, во координација со ОЈО Скопје, Единицата за недозволена трговија со дрога обезбеди материјални докази за Е.А.(23), за кој постојат основи на сомнение дека  сторил кривичното дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори”, казниво по член 215 од Кривичниот законик.

При претрес извршен во домот на Е.А. во скопско Арачиново, врз основа на наредба издадена од судија на претходна постапка од Основен кривичен суд Скопје, билe пронајдени предмети поврзани со кривични дела, а лицето е приведено.

Во координација со надлежен Јавен обвинител од ОЈО Скопје, во текот на денот против него ќе биде поднесена кривична пријава по брза постапка. Против истото лице во март 2019 година, исто така, беше поднесена кривична пријава поради недозволена трговија со кокаин.

Според ОЈО, осомничениот 23-годишник, во повеќе наврати, на различни локации во Скопје и на различни лица-сведоци им продавал наркотична дрога – кокаин во пакувања од 0,28 грама за сума од 2.000 до 2.400 денари по пакување.

-Со оглед на тоа што се работи за лице и претходно осудувано за исто кривично дело, надлежниот јавен обвинител оцени дека постои опасност тој да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон, па до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор, велат од ОЈО.

Од МВР информираат и дека денеска околу 7 часот, полициски службеници од Одделението за внатрешни работи Гевгелија го лишиле од слобода Ѓ.Ќ. (48) од село Стојаково, гевгелиско, затоа што при преглед кај него и во возилото „застава југо” со гевгелиски регистарски ознаки, кое го управувал, биле пронајдени и одземени повеќе пакувања со херoин.

Лицето било задржано во Полициската станица Гевгелија, за настанот бил известен Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија и по целосно расчистување и документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.