Search

Во американски град со 150.000 хотелски соби, луѓе спијат на паркиралиште

Карантинот поради коронавирусот, што стапи на сила во повеќето сојузни американски држави, стана проблем за бездомната популација која на западот од САД брои над 50.000 луѓе.

Во Лас Вегас, Невада, поради еден случај на инфекција затворен е прифатен центар за бездомници во кој имало 500 кревети, па градските власти отворија засолниште за бездомници – на паркинг. Неверојатните фотографии од бетонот на кој се исртани квадрати кои служат како потсетници за одржување на потребното растојание, предизвикаа гнев на социјалните мрежи, но градските власти се правдаат дека за бездомниците обезбедиле и душеци, кои се уште не се во доволен број. Сепак, и ваков вид на сместување значи многу за некои луѓе.

„Ќе се расплачам со среќа. Се чувствувам убаво и безбедно тука, не е како што е на улиците“, вели бездомничката Дениз Ленкфорд.

Таа и другите бездомници на паркингот нема да бидат тука предолго, бидејќи наскоро се очекува да се отвори црковно засолниште, но дотогаш ќе мора да спијат на бетон.

Лас Вегас, кој е познат како престолнина на коцкањето, поради коронавирусот ги затвори сите 113 хотели во кои вкупно има околу 150.000 соби, па некои корисници на социјалните мрежи ги критикуваа градските власти кои не покажале иницијатива барем на неколку дена да ги сместат бездомниците во некој од хотелите.

Меѓу нив е и Џулијан Кастро, поранешен претседателски кандидат, кој исто така беше и во тимот на Барак Обама. Тој предупреди на репресијата кон бездомниците, кои градот Лас Вегас од неодамна ги казнува со 1.000 долари ако спијат или лежат на градски површини.

Во државата Невада има околу 6.500 бездомници, повеќето од нив во Лас Вегас.

Треба да знаете
Последни објави