Search

Вооружени лица нападнаа затвор во Нигерија и ослободија 1.000 затвореници

Тешко вооружени мажи упаднаа во затвор во југозападна Нигерија користејќи гранати, соопштија денеска затворските служби, а според непотврдени медиумски извештаи, речиси илјада затвореници избегале.

– Вооружените луѓе кои дојдоа беа во голем број. Го нападнаа синоќа поправниот дом „Абонлого” со гранати. Многу затвореници беа повторно уапсени по нападот и тоа сè уште трае, изјави Оланруаџу Анжорин, портпарол на управата на затворот во државата Ојо, без да прецизира колку затвореници избегале и без да потврди дали има жртви.

Полицијата наскоро ќе даде изјава со детали за нападот, додаде портпаролот.

Неколку локални медиуми објавија дека за време на нападот биле ослободени речиси 1.000 затвореници. Сè уште не е можно да се потврдат таквите наводи.

Околу 240 затвореници избегаа за време на напад на друг затвор на 13 септември во државата Коги во централниот дел на Нигерија.

Во април, повеќе од 1.800 затвореници избегаа за време на напад на друг затвор во југоисточниот дел на земјата.

Треба да знаете
Последни објави