Search

Вонредни рестриктивни мерки на грчкиот остров Порос

Поради зголемениот број позитивни случаи на Ковид-19, а по наредба на заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас, на грчкиот остров Порос од утрово се воведуваат вонредни рестриктивни мерки, што ќе бидат во сила во следните 10 дена, јави дописничката на МИА од Атина.

За да се спречи дополнително ширење на коронавирусот на островот, одлучено е: забрана за работа на угостителските објекти, кафулињата и слично од 23 часот до 7 часот; дозволени најмногу четири лица на една маса во кафулињата и рестораните; откажување на сите настани како што се забави со жива музика, црковни настани, пазари и слично; забрана за јавни и приватни собири на над девет лица, како и задолжителна маска и на отворено и во затворените објекти.

Островот Порос што се наоѓа во Саронскиот залив е првото туристичко место во Грција во кое се преземаат рестриктивни мерки за спречување на ширењето на коронавирусот.

Портпаролот на грчката Влада, на вчерашниот редовен брифинг со новинарите, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина, не ја исклучи можноста за воведување локални карантини во делови од земјата каде што има зголемен број случаи, бидејќи, како што рече „тоа е мерка што во минатото беше успешно спроведена за да се ограничи веројатноста вирусот да се прошири во општеството и доколку биде потребно повторно ќе се преземат и такви мерки”.

Треба да знаете
Последни објави