Search

Вонреден самит на ЕУ

Лидерите на ЕУ27 денеска и утре ќе се состанат на вонреден самит во Брисел за да разговараат за надворешната и безбедносната политика, како и за зајакнување на економската политика на ЕУ.

– Ќе се фокусираме на местото на Европа во светот и нашата способност да ја обликуваме сопствената судбина, рече претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

Самитот на ЕУ27 почнува во 15 часот со дискусија за односите меѓу ЕУ и Кина и соработката за решавање на најголемите глобални предизвици како што се пандемијата на Ковид-19 и климатските промени.

ЕУ потенцира дека ќе продолжи да ги промовира европските вредности и стандарди во односите со Пекинг, како и дека ќе инсистира на порамномерни и реципрочни економски односи.

Покрај Кина, на маса во Брисел ќе бидат и ситуацијата во Белорусија, труењето на Алексеј Навални и ескалацијата на конфликтот во Нагорно Карабах.

Се очекува лидерите на ЕУ да постигнат политички договор за воведување санкции за одговорните за насилството по претседателските избори во Белорусија.

Консензусот за санкциите на ЕУ во моментов е блокиран од Кипар, кој ја условува неговата согласност за санкции против Турција поради нејзините активности во источниот Медитеран.

Односите меѓу ЕУ и Турција ќе бидат тема на денешната вечера на лидерите на ЕУ.

– Нашата цел е да создадеме простор за конструктивен дијалог со Турција со цел да се постигне стабилност и безбедност во целиот регион и да се обезбеди целосно почитување на суверенитетот и суверените права на сите земји-членки на ЕУ. Ова ќе биде можно само ако Турција се вклучи конструктивно. Сите опции остануваат на масата за одбрана на легитимните интереси на ЕУ и нејзините земји-членки, се наведува во Брисел.

Вториот ден од самитот на ЕУ-27 ќе биде посветен на економската стратегија на ЕУ, со акцент на тоа дека ЕУ може да биде силна на меѓународна сцена само доколку има еластична и иновативна економска основа.

Лидерите ќе разговараат за отклучување на целосниот потенцијал на единствениот пазар, развој на амбициозна индустриска политика и искористување на можностите што ги нуди развојот на дигиталните технологии.

На крајот од самитот на ЕУ27 во Брисел, лидерите ќе разменат информации за преговорите со Велика Британија, кои треба да бидат готови до крајот на оваа година, по што новите и регулирани односи меѓу двете страни ќе стапат во сила на 1 јануари 2021 година.

Треба да знаете
Последни објави