Search

Волонтери ќе му го враќаат блесокот на хокејот во Македонија

Наближува официјалниот почеток на зимата, но температурите ни од далеку не се за оваа доба од годината. Тоа е најголем проблем и предизвикува разочараност кај на љубителите на зимските спортови, меѓу кои и на хокејот на мраз, кој во нашава земја во последниве години грчевиот се бори да опстои и да излезе од анонимноста како би потсетил на седумдесеттите-осумдесеттите години од минатиот век кога на лизгалиштето во СРЦ „Кале“ вриеше како во „кошница“ од посетители и љубители на овој атрактивен спорт.

Луѓето кои се зафатија со оваа макотрпна, но сакана споредна работа од утре па до недела по седмипат ќе го организираат „Ice festival“ на лизгалиштето во СЦ „Борис Трајковски“ каде ќе имаат гостин од Романија, екипата на Торпедо Букурешт и домашните тимови Вардар, млада селекција на Македонија за играчи до 23 години и интернационален тим составен од луѓе кои работат во Македонија, а се вљубеници во хокејот. Во овој интеранционален тим ќе има и женска петорка која дополнително ќе ја направи попривлечна оваа манифестација.

Поводот за оваа манифестација е задоцнет, но од објективни причини не бевме во можност да го реализираме во предвидениот термин. Овој турнирски собир го правиме во чест на 13 Ноември, денот на ослободувањето на Скопје, но високите надворешни температури не ни дозволија да биде одржан на време. Малку недостасуваше за првпат откако почнавме да го организираме традиционално секоја година, овојпат да го откажеме. Се надевам времето викендов ќе не послужи и ќе бидеме уште еднаш добри домаќини, вели за 24 Инфо, Љупчо Тануровски, генерален секретар на Федарацијата за хокеј на мраз.

Tој напоменува дека годинава се навршија 50 години од одржувањето на Светското првенство во хокеј во Скопје: Главниот град во далечната 1969 година беше домаќин на групата Ц од собирот на најдобрите светски репрезентации, заедно со Љубљана и Стокхолм.

СИТЕ ИГРААТ И РАБОТАТ БЕЗ ПАРИ

Со еден отворен терен во склоп на СЦ „Борис Трајковски“ вљубениците во магијата на мразот се обидуваат да му го вратат сјајот на хокејот. Сите инволвирани во проектот враќање на славата на хокејот работата без пари, но наидуваат на административни проблеми кои им ја отежнуваат реализацијата на саканата мисија.

Имаме околу 100 регистрирани хокеари. Ангажманот ни е волонтерски без никаков надомест. Дури и даваме наши средства за да направиме нешто. Не радува и куражи дека ќе успееме во нашата замисла тоа што повторно е жива идејата, а Владата ни најави дека идната година ќе направи шест лизгалишта низ државава, а нашето засега единствено ќе го затвори и ќе биде сала, со што ќе ја продолжиме сезоната и ќе можеме да се вклучиме во регионалните натпрерварувања. Проблемот е законот за да ја набавиме опремата, а таа не е ефтина. Наоѓаме донатори, но мораме да платиме давачки за да ја ставиме на располагање во државата, а тоа не е мала сума. Само како илистрација ќе посочам дека три години во Царина ни е заробена опрема наменета за младите категории вредна околу 60.000 евра, за која неможеме да платиме данок и да ја добиеме на располагање, а тој изнесува околу 7.500 евра – додава Тануровски за проблемите со кои се соочуваат во реализација на својот проект.

Сега имаат отворено и донаторска сметка gogetfunding.com/help-me-recover-ice-hockey-equipment-for-kids-in-macedonia за оние кои сакаат да им помогнат опремата да ја извадат од магацините и да ја стават во функција оние за кои е наменета.

Во Македонија активно регистирани за спортска дејност егзистираат пет клуба: Металург, Вардар, Скопје, Работнички и Премиум. Во нив членоваат и играат од највозрасни до најмали.

-Фокусот ни е работа со дечињата до 10 години. Тоа е иднината. Имаме стручен кадар и веруваме дека ќе успееме. Сезонава имаме намера да отпочнеме играње и домашна лига во која ќе бидат вклучени три екипи и за да биде призната од ИИХФ. Ќе треба да одиграме меѓусебе до 15 натпреаври.Низ овие меѓусебни пресметки ќе подготвиме играчи и тим кој би се вклучил во реализацијата на проектот за Регионална лига во која ќе се натпреваруваме со тимови од Србија и од Босна и Херцеговина – открива Тануровски.

ЗА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА И ЗА МЕТАЛУРГ ИГРААТ ДЕСЕТ МАКЕДОНЦИ ОД СЛОВЕНИЈА

Покрај клупскиот ангажман овие луѓе се обидуваат да направат и пристоен репрезентативен состав. Немаат „странци“, тренери и играчи како пред неколку години. Се е домашен кадар, бидејќи и десетмината играчи кои доаѓаат од Словенија се македонски државјани кои живеат таму. Покрај настапите за државниот тим тие се носители на играта и во Металург, кој пред три сезони играше во Балканска лига. За да биде вклучен Маталург во вакво натпреварување потребно е да има сала во која ќе ги игра домашните натпреаври, а не на отворено игралиште.

Во реализацијата на овој проект како менаџер е вклучен и Ферхат Тозулер од Турција, кој има македонско државјанство и е претставник на Меѓународната хокеарска федерација (ИИХФ) во земјава. Тој е и потпретседател на македонската федерација и сето свое стручно знаење го пренесува на тренерите и играчите кои се ангажирани во процесот да успее македонскиот хокеј. Довербата да ги обучува најмладите му е доверена на Томислав Атанасовски.

Драган Николовски

Фото: Слободан Ѓуриќ

Треба да знаете
Последни објави