Search

Водечки конзервативни пратеници одново ќе гласаат против Договорот за Брегзит

Повеќемина истакнати пратеници од редовите на Конзервативната партија на британската премиерка Тереза Меј, најавија дека и по четврти пат нема да го поддржат Договорот за Брегзит, што нејзината Влада го постигна со Брисел лани во ноември.

Даунинг Стрит 10 денеска најави дека Меј на почетокот на јуни одново ќе се обиде да обезбеди поддршка во Долниот дом на Парламентот за Договорот за британското истапување од Европската унија. Парламентот до сега во три наврати го одбиваше овој Договор.

Конзервативните пратеници, кои се тврдокорни поддржувачи на Брегзит, сметаат дека Договорот за Брегзит е „веќе мртов, исто како и мандатот на премиерката”.

– Разговарав со одделни колеги, кои сметаат дека (договорот) е мртов и ќе гласаат против него и овој пат. Апсурдно е тој одново да биде предложен (за гласање). Тоа е иста работа одново, одново и одново, изјави конзервативниот пратеник Питер Боне, кој е еден од најистакнатите приврзаници на Брегзит.

Приврзаниците на Брегзит стравуваат дека Договорот за британското истапување, онака како што сега е формулиран, би ја задржал Велика Британија во „орбитата на ЕУ” уште неколку години, а Северна Ирска „би ја турнал” поблиску кон европскиот блок.

Аналитичарите во Лондон проценуваат дека ако Парламентот во јуни и по четврти пат го одбие Договорот за Брегзит, тоа ќе значи конечен крај за премиерскиот мандат на Меј.

Даунинг Стрит 10 меѓутоа засега одбива да открие дали Меј ќе поднесе оставка, доколку Парламентот во јуни не го поддржи Договорот. Портпарол на Меј кусо изјави дека премиерката сега е фокусирана само на усвојување на Договорот.

Велика Британија првично требаше да ја напушти ЕУ на 29 март, но бидејќи Парламентот во Вестминстер не го одобри Договорот за истапување, лидерите на ЕУ на барање на Меј одобрија одлагање на Брегзит до 31 октомври.

Треба да знаете
Последни објави