Search

Водата во Охридското езеро над 26 степени

Големите горештини преку денот особено во периодот од 11 до 17 часот, ги испразнија улиците и ги наполнија плажите на езерото. Низ градот во часовите кога е најтопло има намален број луѓе, а туристите и гостите своите редовни прошетки по културно-историските знаменитости ги прават рано наутро и во попладневните часови. Најхрабрите што во најтоплите часови во денот шетаат по градот најчесто се штитат со капи и чадори, а во рацете задолжително носат освежителни пијалаци и вода.

Високите температури ја затоплија и водата во Охридското Езеро која на метар длабочина надмина 26 Целзиусови степени, што е над просекот иако се работи за најтоплиот период од годината, така што е мошне пријатна за капење и рекреација. Тоа го потврдуваат и од Центарот за јавно здравје во Охрид, каде последните анализи на водата покажуваат дека е од прва односно втора категорија, што значи безбедна за спорт и рекреација.

Споредбено со други години кога ретко водата во езерото надминува 24 степени, овој период навистина е уживање дневните часови да се минуваат под сенка покрај езерото и секако во вода. Се поголем е и бројот граѓани на Охрид и гости кои се решаваат и за ноќно капење под ѕвездите во езерото, што е посебно освежување и доживување.

Треба да знаете
Последни објави