Search

Воведен полициски час на Кипар

Во следните две седмици, почнувајќи од денеска, на Кипар се воведува полициски час од 21 до 5 часот наутро и стапуваат во сила новите мерки соопштени минатата седмица. Рестораните и кафулињата ќе работат до 19 часот, затворени се фитнес центрите, базените и казината, се воведува забрана за јавни собири и протести, во црквите и религиозните храмови дозволени се најмногу 75 лица, додека, пак, за венчавките, крштевањата и погребите, бројот не смее да биде над десет присутни.

Продавниците и моловите, фризерските и козметичките салони, археолошките локалитети и музеите, театрите и галериите ќе останат отворени, но согласно здравствените протоколи.

Мерките, планирано е да бидат во сила до 14 декември, а доколку се подобри епидемиолошката слика во земјата, за периодот до 7 јануари 2021 година ќе има поблаги рестрикции.

Полицискиот час ќе биде од 23 до 5 часот наутро, дозволени ќе бидат собири во домовите на најмногу 10 лица вклучително и децата, а угостителските објекти ќе работат до 22 часот.

Исклучоци постојат за 24 и 31 декември, односно за Божиќ и Нова година кога полицискиот час ќе биде од 2 часот по полноќ до 6 часот наутро, угостителските објекти ќе бидат со продолжено работно време до 00.30 часот, додека, пак, за периодот од 23 декември до 1 јануари 2021 година, во домовите дозволени се собири на најмногу 15 лица.

Од почетокот на епидемијата, заклучно со вчера, на Кипар се регистрирани 10.383 случаи на Ковид-19, хоспитализирани се 119 пациенти, а починати се 48 лица.

Треба да знаете
Последни објави