Search

ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поддржи кандидатите на партнерите во Карпош, Центар Жупа, Чаир, Дебар, Гостивар

ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг ќе ги поддржи кандидатите за градоначалници од партиите кои се дел од коалицијата „Обнова за Македонија“, а на овие избори настапија надвор од коалицијата, најави денеска лидерот Христијан Мицкоски. Тој тука ги спомена општините Центар Жупа и Карпош.

Исто така, рече и дека во Чаир, Дебар, Гостивар и други места ќе ги поддржат кандидати на Алијанса/Алтернатива. На прашањето дали во Куманово ќе го поддржат противкандидатот на СДСМ, Мицкоски рече дека за тоа дали ќе поддржат некој кандидат надвор од коалицијата ќе одлучат денеска или утре.

Мицкоски рече дека очекува победа секаде каде што имаат кандидати во вториот круг и во Скопје, по што ќе размислуваат за ново парламентарно мнозинство.

„Многу блиску сме до мнозинство во Советот на Скопје и тука ни е фокусот, да победи Данела во Скопје и сите кандидати на ‘Обнова на Македонија’. По ова, природно ќе се наметне прашањето за ново парламентарно мнозинство“, изјави денеска Мицкоски по средбата со претставници на партиите дел од коалицијата „Обнова за Македонија“.

Тој денеска упати апел до сите опозициски партии, меѓу кои ја спомена и Левица, да се здружат за, како што рече, уривање на власта.

-Денес имавме заеднички состанок со коалицијата за „Обнова на Македонија”, на овие избори коалицијата за „Обнова на Македонија” предводена од ВМРО-ДПМНЕ освои повеќе од 55.000 гласови повеќе од СДСМ, на советничките листи. Тоа е убедлива победа. Јасна порака до власта, а за нас голема одговорност. Иако сликата е јасна има уште еден круг на овие локални избори. И уште еден чекор до промени и остварување на нашата заедничка нова иднина. Она што го видовме во првиот круг од изборите, а тоа се поткуп на гласови, полнење на кутии, притисоци, уцени, го очекуваме во поголема мера во вториот круг. Но, воедно ги повикувам граѓаните да излезат во што е можно поголема бројка во вториот круг на изборите бидејќи само со мобилизација и зголемена излезеност може да се победи полицијата на Спасовски, обвинителството на Рускоска и сите оние бандити кои што се закануваат низ Македонија и собираат на тој начин поддршка за СДСМ и коалицијата која што ја предводи СДСМ, рече Мицкоски.

Треба да знаете
Последни објави