Search

ВМРО-ДПМНЕ против поништување на лустрацијата: Аболицираниот Заев сега прави аболиција на кодошите

„Партијата на аболицираниот Зоран Заев сега прави аболиција на кодошите“, изјави на прес-конференција во Собранието пратеникот Зоран Илиоски од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, по повод законот за поништување на лустрацијата, кој денеска е ставен пред членовите на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците.

ВМРО-ДПМНЕ оценува дека законот е во целосна спротивност на европските вредности и демократските принципи и затоа нема да го поддржат.

„Со СДСМ, Македонија стана единствена држава во Европа во која нема лустрација на кодошите на комунистичкиот режим, кои цели кариери изградија врз база кодошење на македонските патриоти, но и недолжни граѓани. Република Македонија е единствена држава во Европа во која кодошите на комунистичкиот режим кои местеа луѓе и уништуваа човечки судбини, наместо осуда, за тоа ќе добијат и пари од државата“, рече Илиоски.

Според ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ им овозможува на десетици кодоши кои зацрниле цели семејства сега да добијат пари од буџетот, кој го полнат децата на некогашните нивни жртви. Илиоски вели дека во ЕУ не се оди со остатоците од комунизмот преобразени во демократи.

„Македонија наместо европска држава станува како Северна Кореја каде со декрет на Заев се простува тоа што го правеле соработниците на тајните служби“, вели пратеникот.

Владата на крајот на декември минатата година го утврди текстот на предлог-закон за огласување ништовност и поништување на правни акти, дејствија, мерки и правни последици од постапките за лустрација.

Треба да знаете
Последни објави